Двајца пратеници гласаа воздржано на вчерашната седница по однос на Законот за заштита од дискриминација. И двајцата се од владејачкото мнозинство: Ферид Мухиќ и Чедомир Саздовски.
Сепак, на барање на граѓанските активисти кои протестираа попладнето пред Собранието, законодавниот дом со 52 гласа „за“ го донесе Законот. За него не гласаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Законот беше донесен по скратена постапка, откако на претходната седница беше исцрпена расправата. Во текот на расправата опозицијата тврдеше дека со ова законско решение се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство, за бришење на бракот како заедница на маж и жена, дека се воведуваат нови критериумите за посвојување и нови курикулуми во училиштата.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред пратениците појасни дека станува збор за законско решение со кое се почитуваат европските и меѓународните стандарди за заштита на граѓаните од секаков вид дискриминација.
-Опфатени се сите основи за дискриминација, а со него се воспоставуваат и ефикасни механизми за заштита, рече Царовска и додаде дека прв пат се овозможува работа на експертска комисија за заштита од дискриминација.
Согласно законското решение се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Законот претходно беше во собраниска процедура во редовна постапка, но беше „заглавен“ осум месеци, по што Владата го повлече и го препрати со европско знаменце по скратена постапка.