Централен комитет вечерва во ВМРО-ДПМНЕ или фарса диригирана од старото раководство?

by fokus

Вечерва во 19 часот опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница на Централен комитет, но од партијата нема конкретна информација кои точки ќе бидат предмет на разгледување.

Сите информации за сега се сведуваат на ниво на шпекулации, но најгласни се оние кои тврдат дека ќе дојде до судир на две фракции. Наводно едната незадоволна од лидерот ќе бара негова оставка, додека другата предводена од Мицкоски, која вината го гледа во влијанието на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, ќе побара негово исклучување од партијата.

Иако поширокото членство, незадоволно од досегашното раководство, агитира и за едното и за другото, сепак владее скептицизам дека би се случило било какво противење кон досегашните партиски моќници. Како што велат неофицијални извори од партијата, поверојатно е дека нема да се случи ништо од очекуваното и наместо тоа ќе биде потврдена лојалноста кон лидерот.

Реформаторите веќе побараа смена на Мицкоски и промена на статутот, незадоволни, како што велат, од одлуките што тој ги донесе последниве месеци. На Мицкоски, велат, не може да му се прости тоа што не зазеде конкретен став кон референдумот, а особено не исклучувањето на пратениците кои гласаа за пристапување кон промена на Уставот. Сепак, според дел од нив се уште не е време за внатрепартиски бунт.

Според информации од внатре, централниот комитет вечерва ќе биде само фарса, која ќе има за цел да го потврди лидерството на Мицкоски како одлучен и непокорлив лидер, спремен да се ослбоди од спрегите на минатото. Извори велат дека се што ќе се одвива е по сценарио на поранешниот стратег на партијата, Марти Протуѓер.

-Сценариото подразбира потврда дека Мицкоски е херој кој се ослободува од криминалните структури во партијата, а истовремено застанува на браникот за одбрана на името. Со ова, наводно тој ја исполнува својата обврска, додека паралелено во Собранието се формира телото за помирување и простување. Па така и Мијалков го добива она што го сакаше, амнестија. Како што би рекле „и волкот сит и овците на број“ – велат извори за „Фокус“.

И покрај тоа што партиското членство покажува разочараност од Мицкоски, сепак, велат од партијата за сега нема услови да се побара негова смена.

-Дел од реформистите јавно побараа вонреден конгрес, но доколку тоа се изнесе како барање на вечерашниот централен комитет таа идеја ќе биде задушена и повеќе ќе нема шанса да се покрене како прашање. Сметаме дека не е време за тоа – велат изворите.

Како и да е, факт е дека се повеќе се шири отпорот кон Мицкоски и раководните структури во ВМРО-ДПМНЕ. Членството разочарано гледа на последните одлуки и неговата демотивираност уште повеќе ја дестабилизира партијата.

М.В.

 

 

 

 

Поврзани новости