Поранешниот претседател на Владата на Република Македонија Никола Грувески имал 91 советник и надворешни соработници за кои годишно биле издвојувани 1,73 милиони евра, објави денеска владината прес-служба, откако реакции од незадволство предизвикаа одлуките за избор на неколку советници кои ќе бидат ангажирани во премиерскиот кабинет.
– Владата на Република Македонија ги следи принципите на отвореност, транспарентност и отчетност во својата работа и во таа насока информира дека сите советници на премиерот Зоран Заев се јавно објавени на официјална веб страницата, а прашањата од медиумите поврзани со нивниот број и дневни работни активности се одговараат на дневна основа. Со цел јавноста да може да направи споредба со работењето на претходната Влада, ви ги презентираме трошоците за плати на сите 91 советник и надворешни соработници на поранешниот Претседател на Владата на Никола Груевски кои изнесувале 1,73 милиони евра годишно, се вели во соопштението од прес службата на Влада.
Потенцираат дека сумата за плати која била потрошена во тој период е тројно поголема од вкупната сума која оваа Влада ја издвојува за сите советници, посебни советници и надворешни соработници на премиерот
Поради обемот на архивирана документација и нестандардното архивирање, се вели во соопштението, се уште не се обработени податоците за периодот 2006 – 2010 година за ангажирани лица како советници и соработници на поранешниот премиер Никола Груевски.
– Податоците како и имињата на лица ангажирани во Владата на Република Македонија како советници и надворешни соработници на поранешниот претседател на Владата на Никола Груевски се обработени за период од 2010 до 2016 година. Само за една година Владата на Никола Груевски за надворешни соработници и советници има потрошено 71,6 милиони денари пари на граѓаните на Република Македонија, меѓу кои биле ангажирани и надворешни соработници со плата од 7.000 евра месечно, се наведува во соопштението.
Дополнително, информираат од владината прес служба, недостасуваат податоци од авторски агенции преку кои биле ангажирани надворешни соработници, што значи дека оваа бројка од 91 советник и надворешни соработници не е финална.
– Покрај индивидуалните договори за советување, поранешниот премиер Никола Груевски има договори за консултантски услуги од меѓународни агенции за застапување, правни консултации, градење на бренд, за менаџирање на углед и слично во 2015 и 2016 година. Се работи за четири договори со вкупна вредност од: 569.000 евра или 34,99 милиони денари, информираат од Владата.
Доколку се земат предвид двете суми на годишно ниво, се вели во соопштението, финалниот износ кој Владата на Никола Груевски ја има потрошено за советници и соработници на премиерот изнесува: 106,64 милиони денари или 1,73 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија.