Половина од Македонците би прифатиле промена на името за влез во ЕУ и НАТО

by fokus

Половина од етничките Македонци даваат поддршка за менување на името со цел влез на Македонија во ЕУ и НАТО, покажува анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“.

При тоа 30 отсто од испитаниците од македонска националност одговориле дека целосно го поддржуваат тоа, а 20 отсто дека делумно. 42 отсто одговориле дека воопшто не поддржуваат промена на името.

За разлика од нив, етничките Албанци во Македонија речиси и да не се поделени. 95 отсто одговориле дека целосно или делумно поддржуваат промена на името, додека 1 отсто одговориле дека воопшто не поддржуваат.

Што се однесува до партиската определба, 33 отсто од оние кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка за промена на името. Кај симпатизерите на СДСМ, пак, повеќе од дупло, или 76 отсто одговориле дека даваат поддршка.

На прашањето ако се промени името, дали сметаат дека ќе се промени и идентитетот, 60 отсто од Македонците одговориле потврдно. Односно 40 отсто одговориле дека целосно ќе се промени, а 20 отсто дека донекаде. 48 отсто од Албанците рекле дека идентитетот нема да се промени воопшто.

Институтот за демократија Социетас цивилис аннкетата ја спроведе преку телефонско испитување на национален пример од 1000 испитаници.

 

Поврзани новости