Груевски во суд рече дека не го разбира обвинението, а Фетаи предложи да му направат психијатриско вештачење

by fokus

Екс преимиерот Никола Груевски денеска во Кривичниот суд одби да каже дали се чувствува за виновен или не, во врска со поднесеното обвинение против него за случајот „Насилството во Центар“, на СЈО. Тој истакна дека најпрвин мора да го добие на писмено обвинителсниот предлог, зошто поради неправените технички измени од страна на обвинителката Фатиме Фетаи, сега не можел да го разбере.

Измените беа од техничка природа, односно обвинителката Фетаи само потенцираше дека двајца од обвинетите веќе признале вина и тие беа осудени, а за еден од обвинетите се издвои постапката.

По реакцијата на Груевски, Фетаи се понуди одново да му го прочита обвинителниот предлог, а судијата Душко Јосифовски рече дека во ваков случај тој би требало да му го упрости, но за тоа нема потреба бидејќи сепак Груевски бил интелектуалец.

-Вие сте интелектуалец и навистина нема потреба, а и незнам како појасно да ви го објаснам обвинителниот предлог, рече судијата Јосифовски.

Тогаш бвинителката Фетаи искометира дека ако е потребно да им се направи и вештачење на обвинетите.

Следејќи го примерот на Груевски, а со цел да се одложи главната рсаправа, и останатите обвинети освен пратеничката Даниела Рангелова, истакнаа дека не го разбираат обвинителниот предлог.

Поради тоа судијата донесе решение да се одложи главната расправа и закажа ново рочиште за 13 март.

Обвинителот Гаврило Бубевски реагираше дека на овој начин постапката ќе се одложи за две години, бидејќи судот ќе мора прецизираниот обвинителен акт да им го испрати по пошта, што значи дека секој обвинет ќе мора лично да го прими, за што постои сомнеж дека ќе се искористи за одоговлекување на целиот процес.

Ваквото прецизирање претходно беше побарано и од адвокатите на обвинетите, но судијата го одби предлогот, истакнувајќи дека промените се само од техничка природа. Но, откако Груевски, а потоа и останатите обвинети рекоа дека не го разбираат обвинението, судијата донесе одлука истото да се прецизира и да им се достави писмено.

Судењето за „Насилството во Центар“ неодамна почна од почеток, бидејќи со новиот годишен распоред, предметот се падна кај судијата Јосифовски. Претходно, обвинетите се произнесоа за вина, а тогаш Груевски рече дека го разбрал обвинението и не се чувствува за виновен.

Иако овој предмет се води по скратена постапка, што значи дека до пресуда требаше да се дојде во рок од неколку месеци, и по една година случајот тапка во место, односно е на самиот почеток.

На излегување од судница Груевски, на прашање на новинарите за изјава, истакна дека повеќе нема да дава изјави. Рангелова пак ни изјави дека тоа што истакнала дека го разбрала обвинението не значи дека поинаку ќе се произнесе од првиот пат, односно и понатаму тврди дека не е виновна.

За насислтвото во Општина Центар што се случи во 2013 година, обвинети се вкупно 14 лица.

Валентина Вурмо

Поврзани новости