Со предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се предлага воведување на уште еден, четврти канал, на кој ќе се емитува програма на јазиците на заедниците, информираше денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. На овој канал 24 часа ќе се емитува програма на помалку бројните заедници.
На денешната дебата за јакнење на капацитетите на јавниот радиодифузен сервис, Манчевски рече дека до сега вториот канал на МРТ бил единствена можност за редакциите на малцинските заедници да презентираат своја програма. Освен тоа ресурсите биле со ограничени финансиски, технички и човечки капацитети.
-Ние како држава сме свесни дека формирање на нов канал ќе претставува предизвик за јавниот сервис, и затоа е од големо значење ангажманот на ОБСЕ во делот на јакнење на капацитетите на овие редакции – посочи Манчевски.
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, подвлекувајќи дека овозможувањето на слободно и објективно изразување е право на сите, информираше дека вториот канал ќе емитува 24-часовна програма на албански јазик.
-Имаме чиста намера и волја да почнеме да ги решаваме проблемите. Јавниот сервис треба да биде растеретен од политичко и било какво друго влијание – заклучи Поповски.