Измените во прогресивното оданочување ќе предвидуваат стапка од 18 отсто за оние граѓани чии годишни приход надминуваат 720.000 денари, зголемената стапка ќе се пресметува на оној дел од доходот кој е над овој износ. Од друга страна граѓаните кои годишно заработуваат до 720.000 денари и понатаму ќе плаќаат персонален данок со стапка од 10 отсто, објави „Фактор“.
Овие измени Владата ќе ги воведе од 2019 година. Во приходите кои се оданочуваат спаѓаат тие кои граѓаните ги добиваат од заработената месечна плата на работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи.
Но ова не е единствената новина во законот. Според информации на „Фактор“ за доходот од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа и осигурување ќе се плаќа данок по стапка која е единствена, односно по 15 отсто.
Исто така се предвидува граѓаните и фирмите да плаќаат данок на каматите кои ги добиле од своите заштеди во банките, ако добивката изнесува над 15.000 денари годишно.