„О2“: За патни трошоци во Собранието се планираат двојно повеќе пари од буџетот отколку за намалување на аерозагадувањето

by fokus

Во Буџетот за 2018 за Заштита на животна средина планирани се, само 0.4% од вкупните расходи, што е најмалку до сега, информираат од Коалицијата за чист воздух „О2“. За споредба за Култура се планирани 1.95% , за Одбрана 2.82%, за Судови 1.34%, итн.

„Нели здравата животна средина, чистиот воздух, чиста вода ќе беа ПРИОРИТЕТ?! Или толку беше, кампањите завршија, па може да се продолжи по старо, со празни реторики, некои минискулни поместувања, а во реалноста  само 0.4% одвоени за Заштита на животна средина. Браво! Во најголемиот буџет до сега, каде со значителна сума учествуваат даноците поврзани со животна средина и зголемената акциза на нафта, ние имаме НАЈНИЗОК процент на доделени средства за Заштита на животна средина. Има ли некој разумен и праведен во државава?

Тука не се бара преку леб погача, додаваат, туку она што следува, помеѓу 2.5% – 4.4% за Заштита на животна средина и 1.75% – 3% за МЖСПП.

„За разлика од доделените 0.4% и 0.28%. Да имавме нормално судство, институциите ќе одговараа за злоупотреба и пренамена на средства одредени за и собрани на основа на животна средина“, посочуваа од „О2“.

За 2017 беа планирани 1.12% за гасификација, а 0.95% се планирани за 2018. Сегашнава Влада, велат, на два пати го намали годишниов буџет на МЖСПП, министерството клучно за намалување на загадувањето. Летоска го скрати за 23%, а изминатава сабота Собранието си изгласа уште 8.8% намалување. Образложение беше дека и онака тие пари нема да можат да се искористат.

За најгорливиот проблем, намалување на загадувањето, велат за 2018 одвоени се само 11% од сумата наменета за Заштита на животна средина, односно 1,7 милиони евра, од кои пак, за намалување на аерозагадувањето и тоа заедно со мониторинг САМО 635 илјади евра.

„Добро, пак ќе прашаме, има ли некој нормален, ако не разумен и праведен??? За што зборуваме годиниве наназад, досадни станавме од едно те исто, колку е воздухот ЗАГАДЕН! И сега ќе се справиме со 635 илјади евра?!?“, прашуваат од таму.

Потсетуваат дека само за патни трошоци во Собранието одвоени се ДВА пати повеќе средства од тие за мониторинг и заштита од аеорзагадување. Зарем ова не е трагично?

„Вкупниот буџет на МЖСПП е скоро еднаков на парите издвоени за зградата за Јавна администрација, ентериерното уредување на Градската куќа и за Факултетот за драмски уметности. Дека приоритетот е ист. Сите програми за намалување на загадувањето на воздухот, водите, почвата, за заштита на животната средина низ ЦЕЛА Македонија се со еднакво значење со згради на администрација, со внатрешно уредување на Градската куќа! Да видиш, да не веруваш“, велат од невладината.

 

Поврзани новости