Единаесет сведоци, меѓу кои и поранешен министер, сослушани за случајот поткуп при посвојување деца

by fokus

Постапувајќи по допрен глас, по објавите во медиумите за случај на наводен поткуп во постапка за посвојување на деца, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје презеде многубројни дејствија за утврдување на фактите во предметот, велат од Основното јавно обвинителство.

Од таму денеска ја информираа јавноста дека по повеќемесечното интензивно постапување во предметот и прибирање на материјалните и вербални докази, како и нивно разгледување и анализа, надлежниот обвинител оценил дека во моментов не се создадени услови за финално донесување на јавно обвинителска одлука. Но поради сериозноста на податоците до кои дојде јавниот обвинител, додаваат, има потреба од натамошно проучување и испитување на сомнежите за евентуално сторено кривично дело и утврдување на евентуална кривична одговорност на сторителите.

„Прибрана е целокупната документација од Јавната установа – Меѓу општинскиот центар за социјална работа Скопје, а во врска со водењето постапка за посвојување на дете од страна на лицето кое како оштетена го објави случајот преку телевизиски настап. При тоа, оштетената објави наводни незаконитости во процесот на посвојување, според кои, откако како на потенцијален иден законски застапник на детето и бил побаран поткуп и истиот не бил даден, таа била експресно обвинета и осудена за семејно насилство.

Обвинителството ја прибра и релевантната документација од Министерството за труд и социјална политика и од Јавната здравствена установа Геронтолошкиот завод „13 ноември “ Скопје. Беа сослушани единаесет лица во својство на сведоци. Меѓу повиканите  беа и претставници на Меѓу општинскиот центар за социјални работи Скопје, Геронтолошкиот завод, поранешен министер за труд и социјална политика, како и вработена од детска градинка во која престојувало детето.

Постапувањето на јавниот обвинител во предметот ќе продолжи во континуитет, се до целосно утврдување на фактите и донесување на јавно обвинителска одлука“, велат од таму..​

Поврзани новости