Најчевска до Рамадани: Или си државнотворен народ, или си случајно залутан намерник

by fokus

Професорката Мирјана Најчевска реагира на изјавата на советникот на премиерот, Исмет Рамадани, кој во емисија на ТВ Алфа вчера изјави дека не може да гарантира за однесувањето на Албанците доколку Македонија ја пропушти шансата за членство во НАТО и ЕУ.

„Исмет, вака те учеа? За кого зборуваш? За граѓани на Македонија кои се родиле и израснале овде, чии корени се длабоко навлезени во ткивото на изградбата на македонската државност, или за некоја група која случајно залутала на овие простори?
Или си државнотворен народ и тогаш ја следиш судбината на државата и се обидуваш да ја направиш што е можно подобра за сите граѓани, или си случајно залутан намерник кој никако не може да биде дел од ткивото на државнотворноста.
Мора да се решиш.
А да не зборувам за граѓанството и за граѓанскиот модел, кој го газиш и така лесно го ставаш на олтарот на етно-национализмот.
Ние граѓаните на Македонија од сите вери и етницитети, заслужуваме подобро и ќе се избориме за подобро. А вие етно-националистите немате место во таа приказна, освен да не влечете упорно наназад“, напиша Најчевска.

Рамадани претходно изјави дека неговиот став не е предупредување, туку само мислење.

-Албанците ќе бидат коректни во целиот процес, меѓутоа ако не успее овој договор и ако ги губиме сите шанси за членство во НАТО и ЕУ тогаш не гарантирам за коректноста на Албанците во нивното однесување понатаму. Најодговорно велам пред јавноста ако не успее договорот и не успееме да добиеме членство, се ставаме на крстопат каде сосема нешто друго може да се случи што воопшто нема врска со демократските и евроатланските процеси. Затоа што ние друг сојуз немаме – порача Рамадани

Поврзани новости