Државата ќе им ги одзема подароците на пратениците кои вредат над сто евра, ако сакаат да ги задржат ќе мора да ја доплатат разликата

by fokus

Кодесот за етичко однесување на пратениците ќе претрпи измени така што ќе се додадат нови членови, кои ќе ги регулираат прашањата кога пратеник смее да прими подарок и со кој износ да биде вредноста на тој подарок.

Со претходно донесениот Кодекс на пратениците им беше забрането да примаат или да бараат подароци и бесплатени услуги. Новите измени предвидуваат дека секој примен подарок станува предмет на државна сопственост. Пратеник ќе може да го задржи подарокот само ако неговата вредност не го надминува износот од стотина евра.

Кодексот дополнително налага дека пратеник може да прими дар само од претставници на странска држава, орган, институција или меѓународна организација, во знак на соработка, благодарност или почит.

„Дар чија вредност надминува над 100 евра денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на примањето на дарот, може да биде задржан во сопственост како личен дар, доколку пратеникот ја доплати разликата до вредноста на дарот на сметка на Буџетот на Република Македонија“, стои во измените.

Освен тоа пратеникот кој примил подарок ќе биде обврзан истиот да го пријави кај генералиот секретар на Собранието во рок од осум дена.

Измените во Кодексот се предложени од претседателот на Собранието, Талат Џафери и од пратениците Горан Мисовски, Фросина Ташевска Ременски, Реџеп Мемеди, Ејуп Алими, Африм Гаши и Мераил Узеири Ферати. Се очекува да бидат изгласани на денешната собраниска седница.

М.В.

Поврзани новости