Владата го укинува условот директорите кои ќе се назначат во државните установи и институции да имаат положен психолошки тест и тест на интегритет. Со ова се укинува обврска што ја воведе Владата на Никола Груевски во 2011 година, а која требаше да ја реформира јавната администрација и да го подобри квалитетот на јавните услуги.
„Иако психолошкиот текст е чето користена алатка за проверка на психолошките карактеристики на кандидатите за определени работни места, проблем претставува фактот што во Република Македонија не постојат овластени правни лица кои располагаат со соодветен стручен кадар за развивање соодветни психолошки текстови за секоја различна работна позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица“, стои во законските измени кои ќе се разгледуваат во Собранието.
Психолошки тест и и тест за интегритет повеќе нема да биде услови при вработувањето на директор во државно училиште, во јавен ученички дом, во Агенцијата за поддршка на претприемништво, директори во јавните претпријатија, во Бирото за метеорологија, во Агенцијата за управување со одземен имот,во Управата за водење матични книги, во Дирекцијата за заштита на лични податоци, во Агенцијата за странски инвестиции, во Бирото за јавна безбедност и во сите други државни институции, установи и претпријатија.
Претходно Собранието ги укина психолошките тестови при вработување на службеници во јавната администрација, со измените во Законот за административни службеници.