„Договорот со Грција е склучен и е ратификуван во Собранието. Граѓаните имаат можност да го поддржат или да го сменат на референдум. Тие што нема да гласаат на референдумот всушност не помагаат за отфрлање на договорот. Се прашувам, дали можеби ВМРО-ДПМНЕ со евентуална одлука за бојкот, молчешкум го поддржува договорот и се задоволни што спорот е решен, а тие немаат никаква одговорност за тоа?“, објаснува министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска во интервју за неделникот ФОКУС, коментирајќи ги последиците од можен бојкот.
ФОКУС: Конкретно, кои се правните ефекти од евентуалниот бојкот на референдумот?
Имам чувство дека тие што се обидуваат јавно да формираат кампуси за гласање или бојкот на референдумот, не ги имаат предвид токму правните ефекти од гласањето на референдумот, како и разликите и сличностите меѓу референдумот во 2004 и овој сега. Во 2004 година беше донесен Закон за територијална организација од Собранието. Беше поставено прашање за враќање на стариот закон и притоа на референдум не беше донесена никаква одлука од страна на граѓаните и тие не успеаја да ја сменат одлуката, односно законот донесен од Собранието и тој си остана на сила. Цензусот е услов да се донесе одлука. Ако нема цензус, нема обврска за Собранието да дејствува на овој или на оној начин. Немате одлука. Сега имаме склучен и ратификуван договор.
ФОКУС: А што доколку цензусот се достигне, но побројни бидат противниците на Договорот?
ТРЕНЕСКА-ДЕСКОСКА: Ако има повеќе граѓани што се против договорот, при остварен цензус, Собранието ќе мора да ја поништи ратификацијата на Договорот. Затоа, очекувано е секоја партија кога ќе носи одлука за сопственото позиционирање на референдумот, да ги има во вид и правните последици од својата одлука и да биде искрена кон гласачите по тоа прашање.
(Целото интервју може да го прочитате во неделникот ФОКУС)