Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Кристијан Чушков, вели дека автобусот кој утринава се запалил на постојка во Кисела Вода, е постар модел од марката МАН. Како што вели тој за „Фокус“, се запалила инсталацијата, односно кабелот до акумулаторот. За среќа нема повредени затоа што автобусот бил на последната станица и немало многу патници.
На прашање зошто во сообраќај се пуштаат стари автобуси, за кои постои ризик дека може да предизвикаат помала или поголема несреќа, Чушков вели дека претпријатието се соочува со недостаток на автобуси.
-Немаме автобуси и пуштаме стари. Имаме само 276 автобуси со кои се сообраќа. Конкретно на оваа линија, 24-ка, пуштаме пониски поради надвозникот – вели директорот.
Автобусот во кој утринава избил пожар ќе биде поправен и повторно пуштен во сообраќај. Така се додека ЈСП и Град Скопје не го реализираат новиот тендер со кој ќе го збогатат возниот парк на претпријатието. Со тендерот се предвидува набавка на до 50 нови автобуси.
М.В.