Влатко Илиевски, адвокат и сопруг на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека во случајот „Титаник“ било договорено Јанкулоска да признае вина и да заврши со условна казна, но добила две и пол години затвор.
„Илиевски: Се уште е во фаза на одлучување, не би сакал да излегувам со детали, меѓутоа, дефинитивно, тоа што беше разговарано и тоа што беше предложено од јавниот обвинител не беше испочитувано. Сите релевентни стеикхолдери беа информирани.
360: Дека со признавањето вина треба да се добие условна казна…
Илиевски: Да, условна казна. Ако обрнете внимание на самата пресуда, ќе видите дека диспозитивот на решението кажува едно, а потоа образложението на пресудата е напишано на тој начин што пишува дека е досудена условна казна. Очигледно нешто се случило во последен момент за да се преиначи таквата пресуда согласно која беше признаена вината и согласно барањето на јавниот обвинител да се изречат условни казни. Еве, сега има простор Апелација тоа да го коригира, па ќе видиме, не знам.“
Инаку, во судењето за предметот „Титаник“ пред Кривичниот суд Јанкулоска призна вина, и доби две и пол години затвор. Сега предметот е во жалбена постапка пред Апелацискиот суд.