Бачев ќе го наместат за 27-ми април, исказот на сведокот е најден во поштенско сандаче, велат од Единствена Македонија

by fokus

Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, е под истрага на Јавното обвинителство за организиран криминал за неговото учество во настаните од 27-ми април, велат од партијата од каде тврдат дека власта планира негово апсење по референдумот. Како што изјави денеска потпретседателот на партијата, Драган Угриновски, Бачев се сомничи дека им помагал на обвинети за упадот во Собранието да избегаат во јужна Србија и така да се спасат од прогонот на полицијата.

Од партијата тврдат дека поседуваат документ кој го докажува тоа. Угриновски денеска презентираше исказ на заштитен сведок во случајот кој го води Јавното обвинителство. Исказот на сведокот со кодно име „Ц1“, според Угриновски, бил најден во поштенското сандаче во седиштето на партијата.

-Постои комплетен записник, но не можам да зборувам за содржината на текстот. Сакаат само да не заплашат. Факт е дека ниеден од обвинетите за 27-ми април не е во бегство. Таква конструкција да му се става на товар на Бачев е апсурдно и е лажење на јавноста. Гледаат дека партијата чекори со полна пареа нагоре и сакаат да го саботираат тоа. Може да не следат, прислушкуваат, да ми се закануваат со апсење, но нема да дозволиме да ни го скршат духот. Ќе победиме во оваа битка референдумот да не успее – рече Угриновски.

Поврзани новости