Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека неговите лични трошоци за шестте месеци додека е министер, не надминуваат 6.000 евра. Како што изјави денеска Алаѓозовски дезинформација е веста дека потрошил речиси 9.000 евра за угостителски услуги. Тој посочи дека во наведениот износ не се издвоени неговите лични трошоци.
-Расчленетите ставки од алатката за транспарентност беа прикажани како групен трошок и сите беа поднесени под графата: трошења во кафеани. Во алатката за транспарентност има три типа на трошоци – угостителски услуги во странство, угостителски услуги надвор од Министерството за култура и беа прикажани трошоците направени во бифето на Министерството за култура. Во бифето не постои исхрана, туку само пијалаци. Во таа смисла, постои спецификација и административните службеници имаат направено превид што ги немаат издвоено личните трошоци на министерот од кумулираните трошоци во рамки на Министерството за култура – рече Алаѓозовски.
Тој појасни дека трошоците биле направени генерално за кафиња и вода а не, како што рече, за тајни сметки во ексклузивни ресторани и во хотели во странство.
Поради ова недоразбирање во јавноста, рече Алаѓозовски, во Министерството за култура ќе воведат построг правилник за користење на безалкохолоните пијалаци со цел и износот на таа фактура да биде понизок.