Канго ја изгуби битката со болеста: Останаа неисполнетите желби и планови на рокерот и поет

by Fokus

По речиси двегодишна борба со тешката болест, рак на простата, со метастази на коските, рокерот и поет Симеон Иванов – Канго (67) денес ја изгуби битката.

Веста за неговата смрт ја потврди и семејството, сопругата Љубица и трите ќерки на социјалните мрежи. Лани, во месец јули тој го даде своето последно интервју за ,,Фокус’’ во кое искрено раскажа за болеста, за се низ што поминува тој, но и неговото семејство, порачувајќи дека се решил да не молчи, туку со својата исповед и пристап кон болеста да им даде надеж и мотив на сите кои се соочувале со слични состојби.

-Ова не е нешто кое што треба да се стави под тепих и да се крие. Напротив, треба отворено да се зборува, оти знам дека не сум единствениот, туку не има илјадници во Македонија кои што минуваме низ нешто слично. Се започна лани, кога почувствував болка во коските. Имам 66 години, не сметав дека тоа е нешто невообичаено за мојата возраст, иако отсекогаш сум бил витален и здрав човек. Но болките не поминуваа, па заминав на преглед, мислејќи дека се работи за некоја потешка настинка. Од еден преглед на друг, од една клиника до друга, стигнав до Скопје. Дијагнозата – рак на простата, со метастази на коските. За некое чудо, јас воопшто не се исплашив кога ја дознав вистината за болеста. Напреден трет стадиум, лоша работа. Докторката постојано ми повторуваше како не сум дошол порано. Смирено и реков, како да дојдам кога ништо не ме болеше? Па дури и на стоматолог одиме дури тогаш, кога ќе не здоболи забот. Не бев погоден пациент за операција во овој стадиум, па започнавме со хормонски терапии – отворено раскажуваше кочанчанецот лани, преполн со позитивна енергија, оставајќи ни впечаток дека прераскажува некој филм, а не тешката вистина која што се надвиснала над него и неговите најбилиски.

Тогаш ни кажа како воопшто не се плаши, и не планира да оди никаде. Рече дека имал уште многу нешта да остави на овој свет, поезија, музика, љубов…

-Јас и во минатото сум бил љубител на ореви, леблебија, бадеми… Сега ги консумирам уште повеќе. Околу алкохолот, никогаш не сум пиел многу и било што. Исклучително домашна ракија и домашно вино, понекогаш пиво. А за цигарите, никогаш не сум бил пушач. Не паметам кога сум запалил цигара, можеби некогаш во младоста од љупопитност, и толку. Сум немал проблеми со вишок килограми, масти, холестерол, значи живеев здрав живот и порано, но ете болеста, не знам од кои причини ми се случи – раскажуваше рокерот.

Ни кажа дека работи на осмиот албум, дека воопшто не жали бидејќи ја изгубил бујната коса која беше негов знак на распознавање, поради хемотерапиите, и порача дека ќе биде добро.

-Моето исцелување ќе биде мој триумф, моја порака до сите кои се сретнале со оваа болест, дека не треба да се губи надеж. Ова е само привремена состојба на нашето тело, нешто што може да биде надминато со позитивни мисли, промена на начин на живот, лекарства… Треба да си кажеме дека се ќе биде добро и да ги тргнеме лошите мисли. И навистина, ќе биде добро- изјави во своето последно интервју Канго.

Детали околу тоа кога и каде ќе биде погребан ќе бидат објавени дополнително.

Вики Клинчарова

Поврзани новости