Рускиот претседател Владимир Путин треба да биде охрабрен „чесно“ да ја напушти Украина и да го прекине конфликтот, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
-Мораме да му кажеме на Путин, вие сега треба да бидете тој што ќе го направи првиот чекор кон мирот. Треба да се обидеме да го решиме овој конфликт со охрабрување за чесно излегување оттаму, рече Ердоган, враќајќи се од самитот на НАТО во Брисел.
Ердоган кажа дека ќе разговара со украинските претседатели Володимир Зеленски и со Путин за да ги проценат деталите од самитот на НАТО.
Официјална Анкара се гледа себеси како посредник во конфликтот и има блиски односи и со Украина и со Русија.
Ердоган верува дека компромисот меѓу Киев и Москва е сè уште можен, вклучувајќи го и повлекувањето на Украина од членството во НАТО и делумното разоружување.
Двете страни, меѓутоа, остануваат во спор околу територијалните прашања.
Ердоган повтори дека Турција „не може да направи ништо“ во врска со западните санкции поради нејзината енергетска зависност од Русија.