Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган основа политичка партија за „луѓе со странски корени“ во Германија, која ќе се „спротивстави на антимуслиманскиот расизам“.
Ердоган најави дека Демократската алијанса за различност и будење (ДАВА), која официјално беше основана на 7 јануари, ќе учествува на европските избори кои ќе се одржат во јуни оваа година.
Основањето на партијата, која е поврзана со партијата АКП на Едроган во Турција, предизвика реакции и загриженост кај другите партии во Берлин.
Џем Оздемир, германскиот министер за земјоделство, кој има турско мигрантско потекло, на Платформата Х напиша: „Огранок на Ердоган кој се кандидира за избори е последното нешто што ни треба“.
По повод основањето на оваа партија, се огласи и заменик-претседателoт на најголемата опозициска партија, конзервативните демохристијани (ЦДУ) Јенс Шпан.
„Огранок на АКП на Ердоган во Германија би бил уште една екстремна партија во земјата“, напиша Спан на X.
Партијата е основана откако минатиот месец беше сменет законот кој им дозволува на оние кои живеат надвор од ЕУ да имаат двојно државјанство во Германија, што потенцијално ќе им даде право на глас на 1,5 милиони Турци кои живеат во Германија.
Новата партија се очекува да ја предводи Теифик Озџан, кој инсистираше на тоа дека сите финансиски средства на партијата ќе се собираат дома, бидејќи во Германија е нелегално да се добиваат средства од странство.
Минатиот август, германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци, БАМФ, објави дека повеќе од 23.000 турски државјани поднеле барање за азил во земјата таа година, што е нагло зголемување од 203 отсто во споредба со истиот период минатата година.