Претседателката на Европската комисија, Урсула Вон дер Лајен изјави дека турската одлука за отворање граница за бегалците и мигрантите кон Европа и не е решение за ситуацијата во која се наоѓа Анкара.
-Признавам дека Турција е во тешка ситуација и во поглед на мигрантите и бегалците, но она што сега го гледаме не е решение за таа ситуација, изјави Урсула вон дер Лајен.
Таа најави дека заедно со претседателот на Европскиот совет и претседателот на Европскиот парламент во вторник ќе отпатува во Грција, на копнената граница со Турција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска пак изјави дека стотици илјади луѓе се упатува кон Европа и дека таа бројка ќе прерасне на милиони, откако Турција ги отвори границите кон ЕУ.
-Откако ги отворивме границите, во петокот, бројот на оние кои се упатиле кон Европа достигна стотици илјади, Наскоро за нив ќе се зборува во милиони. Откако ја отворивме границата почнаа телефонски повици со барање да ја затвориме. Сега и ЕУ ќе носи дел од товарот, истакна Ердоган во Анкара.
Тој изрази надеж дека в четврток на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде договорено примирје во сирискиот регион Идлиб.