Ердоган ја сведе Фон дер Лајен на помошничка на Мишел, тоа не би си го дозволил со Меркел

by Фокус

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска се состанаа за прв пат од минатонеделниот инцидент во Анкара, каде при средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган Фон дер Лајен беше оставена да седи на софа, поради тоа што овој случај доби назив „софагејт“.

Меѓу двете институции постои несогласување околу тоа кој ја претставува Европската унија во странство според протоколот. Во Европскиот совет тврдат дека Мишел како претседател има предност во протоколот, за што не се согласуваат во Европската комисија, од каде пак велат дека и двајцата треба да имаат ист третман.

Притоа, многумина му замерија на Мишел што не реагирал веднаш и не и го понуди свеото место на Фон дер Лајен. Последните денови во медиумите изјави дека му е жал за она што се случило, но дека не сакал да реагира за да не предизвика уште поголем инцидент. Фон дер Лајен, пак, наводно порачала дека нема да дозволи слична ситуација.

Метју Карнишинг во неговата колумна за „Политико“, насловена „Европа ја заслужува софата на Ердоган“, пишува дека инцидентот „Софагејт“ ја обедини Европа во изразувањето гнев.

„Ако самата Евопа беше на тој кауч, тогаш тој претставува нешто друго – ги сумира несигурностите и огорченоста на европскиот блок, а пред се, суштината на комплексот на инфериорност. Наспроти европската перцепција, инцидентот не беше поради непочитување на жените, туку поради непочитување на моќта која ЕУ напорно се обидува да ја прикаже. А оние со вистинска моќ како што е Ердоган, не само што можат да прозрат во намерите на ЕУ, туку и да ги стават Европејците на нивното вистинско место, макар тоа била и софата“, пишува Карнишинг.

Ангела Меркел никогаш не била принудена да седне на софата на Ердоган, бидејќи, според Карнишинг, турскиот претседател ја сфаќа нејзината моќ сериозно.

„А земајќи предвид дека ниту Мишел, ниту Фон дер Лејен немаат голема моќ, нивното посрамување е уште попримамливо за Ердоган. Таквиот потег не носи ризик, а и што би можела да направи ЕУ во врска со тоа? Ниту Мишел, ниту Фон дер Лејен го немаат одговор на ова прашање. Тие се зафатени со меѓусебно обвинување, како и со обвинување на своите соработници за пропустот во протоколот. А „Софагејт“ можеше да биде и полоша, бидејќи Турција речиси го уназади статусот на Фон дер Лејен на помошничка на Мишел, пред интервенција во последен час од ЕУ“, пишува колумнистот на „Политико“.

Поврзани новости