Реџеп Таип Ердоган, откако денеска свечено положи заклетва за третиот мандат на претседател на Турција, назначи нов кабинет во кој има 17 министри.
Во обраќањето на прес-конференцијата во Претседателската палата во Анкара, Ердоган посочи дека Турција денеска е посилна од вчера.
„Турција е посилна денес од вчера, како и нашата демократија. Заедно ќе продолжиме да и служиме на Турција“, рече Ердоган.
Тој им се заблагодари на сите министри кои беа во претходниот кабинет, а потоа ги соопшти имињата на министрите кои ќе го сочинуваат новиот кабинет.
Џевдет Јилмаз беше назначен на позицијата потпретседател на Турција.
Министерството за правда му беше доверено на Јилмаз Тунч, додека Махинур Оздемир Гокташ ќе ја извршува функцијата министер за семејство и социјални услуги.
Министерот за надворешни работи ја презеде Хакан Фидан, долгогодишниот шеф на турската разузнавачка служба, додека на чело на Министерството за внатрешни работи е назначен Али Јерликаја, поранешниот гувернер на Истанбул.
Министерството за трезор и финансии го презеде Мехмет Шимшек, познато име на турската политичка сцена. Шимшек претходно беше министер за финансии и економија за време на мандатот на Ердоган како премиер на Турција пред транзицијата на земјата кон претседателски систем на управување. Шимшек беше и вицепремиер.
Функцијата министер за животна средина, урбанизација и климатски промени ќе ја извршува Мехмет Ожасеки, а Министерството за енергетика и природни ресурси ќе го води Алпарслан Бајрактар.
Министерството за млади и спорт го презеде Осман Аскин Бак, функцијата министер за земјоделство и шумарство ќе ја извршува Ибрахим Јумакли, додека Министерството за индустрија и технологија ќе го води Мехмет Фатих Качир.
Министерството за национална одбрана го презеде Јашар Ѓулер, турски генерал и поранешен началник на Генералштабот на турската армија.
Министерството за транспорт и инфраструктура отиде кај Абдулкадир Уралоглу, со Министерството за образование ќе раководи Јусуф Текин, Министерството за труд и социјална сигурност отиде кај Ведат Исихан, а Министерството за трговија на Омер Болат.
Од претходниот кабинет останаа само две имиња на министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој и министерот за здравство Фахретин Коџа.
Ердоган денеска положи заклетва за трет мандат како претседател на Турција, а втор по транзицијата на земјата кон претседателски систем на управување.