Епископ Стобиски г.Јаков вечерва и одговори на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која донесе одлука дека тој ги дискриминирал лицата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и побара од него да се извини, во спротивно ќе покрене постапка пред надлежен суд.
Епископот во подолг текст ги објаснува своите ставови за родовниот идентитет и порачува дека не планира да се извини.
-Во емисијата Детектор, каде се дебатираше за Законот за родова еднаквост, искажав ставови кои ги потврдуваат врвни светски стручни лица, доктори, психолози и психијатри – дека за некој да биде трансродов, треба да биде дијагностициран со патолошката состојба наречена родова дисфорија или растројство на родовиот идентитет. Се разбира, јас веднаш одговорив на таквите обвинувања и испратив детален одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во кој понудив линкови од светски реномирани медиуми, прирачници за психијатри, изјави од доктори и психолози, кои ги потврдуваат изнесените ставови. Воедно, во мојот одговор поднесов и линк од веб-сајтот на подносителот на претставката, Субверзивен фронт, каде самите тие велат дека „транссексуалните личности се луѓе кои патат од она што во медицината се нарекува родова дисфорија“ и дека тоа е „медицинска состојба“, вели епископот.
Тој додава дека му испраќаат претставка за искажани ставови по однос на родот и родовиот идентитет, нешто што не постои во нашите закони, кое не е ниту дефинирано ниту правно признато.
-И не само тоа, туку и наведуваат дека сум дел од некаква мобилизација против родовата еднаквост и ЛГБТИ правата која е финансирана од САД, дека мене некој ме плаќа за да си го љубам народот и децата. Патем, тие обвинуваат, а докази, се разбира немаат доставено зашто не постојат. Наведуваат дека родовата дисфорија е депатологизирана и ставена во „состојби поврзани со сексуалното здравје“, а намерно изоставаат да кажат дека депатологизација не може да се изврши кога сè уште стои во класификација за болести и сродни здравствени проблеми и самиот збор „состојба“ на англиски значи – здравствен проблем. Сите овие документи ќе бидат јавно објавени, за да видите со какви лаги, манипулации, извртувања и малициозност се служат, само за да ги заплашат, да ги уценат и да ги замолчат оние со здрав разум, кои имаат свои ставови. Произволни толкувања на членови, поддршка на педофилија, омаловажување на жените, цензура на слободниот говор… тоа е она што може да се забележи дека Комисијата поддржува, пишува епископот.
Според него, тој во јавните настапи бил јасен и концизен дека Црквата го љуби секој човек, без разлика колку и да е грешен, и дека на секој што страда треба да му се помогне, и образложил дека насилство може да се смета тоа што подносителот на претставката „сака да го смени природниот ред и општоприфатениот установен начин на однесување со тоа што сакаат да прифатиме дека маж може да стане жена и да се натпреварува во сите општествени сфери со жените“.
-Јас би сакал топло да ѝ се заблагодарам на Комисијата за трудот да состават вакво капитално дело, прво од ваков вид упатено кон владика кој не ги застапува нивните родово-идеолошки ставови. Исто така, голема благодарност и за препораките да замолчам и да се извнинам… но, и јас им испраќам топол поздрав од мене и ги известувам дека нивните препораки не се прифаќаат, и дека сум подготвен да бидам суден, но и на многу повеќе, за тоа што сум ја говорел и исповедал Вистината, порача епископот.