Европската комисија денеска повика да не се врши притисок врз Државната изборна комисија и судството, објави Мета.
-Комисијата ги регистрираше прелиминарните резултати и исходот од приговорите и сега ги чека одлуките од жалбениот процес. На релевантните државни власти, вклучувајќи ја Државната изборна комисија и судот, треба да им се овозможи да работат непречено, без притисок и политичко мешање, изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одговарајќи на прашање на „Мета“ за тоа како ги коментираат протестите пред ДИК.
На прашањето како го коментираат говорот на омраза на протестите и негативната реторика на ВМРО-ДПМНЕ кон странските амбасадори и дипломати во Македонија, од Комисијата истакнаа дека политичките партии треба да се однесуваат одговорно и да не ја поткопуваат довербата во институциите.
-Особено сме загрижени поради тензиите во изминатите денови и зголемената негативна реторика. Комисијата ги повикува сите заинтересирани страни да се однесуваат одговорно за да се зајакне довербата на граѓаните во јавните институции и во демократскиот процес, рече Коцијанчич.