ЕМА одлучува дали да дозволи трета доза вакцина

by fokus

Европската медицинска агенција (ЕМА) денеска соопшти дека ќе одлучи дали ќе биде потребна трета доза на антиковид вакцината, бидејќи американските регулаторни тела размислуваат за дополнителни дози.

ЕМА изјави дека е во контакт со производителите на вакцини за да го координираат доставувањето на потребните податоци и дека е свесна дека многу европски земји размислуваат да дадат дополнителни дози на населението кое е веќе имунизирано.

„Во оваа фаза, ЕМА се уште не утврди дали и кога ќе биде потребна дополнителна доза на вакцина против Ковид-19“, соопшти агенцијата во електронска пошта.

„Во следните неколку недели се очекуваат дополнителни податоци од компаниите што ги произведуваат вакцините, а ЕМА ќе ги разгледа информациите за производот врз основа на тоа“, се наведува во соопштението.

ЕМА додаде дека веќе работи со другите европски здравствени претставници и национални групи за имунизација, во случај да бидат потребни дополнителни дози.

Оттаму додаваат дека во моментов се чека оценката на конкретните податоци за ефикасноста на вакцините во Европа и другите региони. Земјите, вклучувајќи ги Израел и Франција, неодамна почнаа да даваат трета „бустер“ доза за некои грѕпи граѓани и лица чиј имунитет можеби е намален.

Светската здравствена организација ги повика богатите земји да почекаат со давањето на третата доза се додека не се вакцинира се уште невакцинираната популација, претежно во посиромашните земји.

Поврзани новости