И покрај тоа што 2016 година поголемиот дел од поп естрадата ќе ја памети како доста лоша, кога се настапите и снимањата на нови материјали во прашање, за поп ѕвездата Елена Ристеска и оваа година на професионално поле се покажала како доста плодна. Голем број на настапи со нејзиниот бенд и танцовата група, награди на фестивали, соработки со брендови кои што ја ангажираат како нивно заштитно лице… Но и покрај успесите на професионално поле, Елена вели дека ќе ја памети годинава што изминува како една од најтешките во нејзиниот приватен живот. Во 2016 го доживелала најголемиот удар во животот досега, и полека се учела како да живее со болката. Загубата на нејзиниот татко Ацо и ги сменила погледите на светот, и со помош на семејството се учеле како да живеат со загубата и да ги исполнат аманетите кои што ги оставил нејзиниот родител – да одат напред, да живеат со полна пареа, достоинствено, и да оставаат само убави траги зад себе.
„Покрај наградите на МАРС и околу 15-тина успешни концерти што ги одработивме со мојот бенд и танчери годинава, оваа е најтешката година за мене и моето семејство, поради смртта на мојот татко. Сеуште живееме како да не се случи тоа, затоа што единствено така се негира болката и се обидуваме да живееме како што тој би сакал. Иако се повеќе и повеќе боли и недостига, ќе мора да научиме да живееме со реалноста“ – раскажува за „Фокус“ Елена, која што ја започна својата музичка кариера на шеснаесет годишна возраст, кога нејзиниот татко го потпишал договорот со М2 во нејзино име, бидејќи во тоа време таа беше малолетна. Од тогаш, Ристеска без пауза, и во добро и во лошо остана посветена на сцената и пред очите на јавноста од „девојчето со чорапчињата“ растеше и се развиваше во квалитетна пејачка, а денес една од најпопуларните и најбараните кај нас.
„Покрај дуетот со Хари Варешановиќ, следната година треба да излезе спотот за песната ,,Још ме плашиш својом лјепотом“ („Се уште ме плашиш со својата убавина“) кој поради приватните случувања се одложи за понатаму, а секако и други балкански дуети се во игра. Албумот кој исто така требаше да биде издаден во растојание од една година од претходниот албум се одложува за следната година поради приватните веќе добро познати причини. Изминатава година ми е релативно успешна на професионален план, иако можеби овие се најтешките времиња за шоубизнисот, сепак тимот кој секаде ме придружува и на сцената и зад сцената го оформив покрај милион промени особено во бендот. „Беатрикс Крекс“ се танцовата група која стои зад мене и допрва ќе видите што сме замислиле за идните настапи, најчесто се 8 танчери на сцената со мене,тука е бендот кој е основата или базата во мојата работа, составен од двајцата радовишани Ацо и Тодор кои се душата на бендот веке 3-4 години, потоа Сара и Ана, Бумбар,и најмладиот член Стефан. Исто толку луѓе се и зад сцената одговорни за секој мој настап и појавување“ – вели Ристеска.
Околу честите поплаки од нејзините колеги од поп сцената, дека владее општа криза, немаат концерти, па дури и не снимаат доволно нови песни спотови, како што тоа се случувало во минатото, таа тврди дека не може да се пожали, и свесна е дека останале уште малкумина на естрадата кои што работат со полна пареа и во овие кризни времиња. Додава дека се надева како годината што следи ќе и биде успешна, исполнета со нови проекти и песни, но и помирна на приватно поле.
„Можеби само неколку од нас работиме добро и сме барани за концерти и за заштитни лица, сепак не можам да се пожалам, се работи за мој труд и посветеност на работата веке 14 години. Имам уште многу да и понудам на мојата публика, 2017 продолжувам со засилено темпо, посилна од порано, секако благодарение на моите фанови“- раскажа Елена.
Вики Клинчарова
ФОТО: Ани и Дими