Елена го бара биолошкото семејство: Некој мора нешто да знае, ве молам помогнете да си го најдам мирот!

by Fokus 11:51
11:51

Повеќе од десет години трае потрагата на Елена Стоилковска по нејзиното биолошко семејство. Младата жена, која денес живее во Словенија, вели дека е уште едно од оние деца кои живеат со секојдневни прашања и неизвесност, во очајна потрага по вистината, по биолошките родители, сестри, браќа, по вистината за нејзиното потекло.

Таа имала малку податоци за своето потекло. Веста дека е посвоена ја дознала кога имала 12 години. Семејството кое ја посвоило живеело во Битола, но и покрај тоа што со посвоителите имала убав живот во слога и разбирање, тие не можеле да и помогнат да си ги пронајде корените. Единствените податоци кои ги добиле при посвојувањето, од Домот за деца и доенчиња во Битола, биле датата и место на раѓање, како и името кое го добила по раѓањето.

- Advertisements -

-Според оние документи кои што ги имам, родена сум во Неготино на 12.02.1982 година. Во решението кое што го видов, стои дека името ми било Зорица Цебовска. Не знам за презимето, дали е тоа моминско на мајката, дали е на таткото, немам податоци… Тоа е за жал, се што знам. Неготино е мало место, верувам дека некој нешто знае, дека ќе се сети на тој датум, на жена која родила девојче тогаш, на било што, што може да ми помогне да го најдам моето биолошко семејство. Се надевам дека овој пат ќе наидам на вистинска помош од луѓе кои се во Неготино, и ќе бидам најблагодарна, затоа што пронаоѓањето на мојот идентитет ќе ми олесни многу за да го најдам својот мир – раскажува Елена.

Таа додава дека во изминативе десеттина години, откако траела нејзината потрага, наишла на многу препреки, но и на нечесни луѓе кои сакале да си поиграат со нејзината мака и да извлечат пари од неа.

-Откако ја започнав потрагата, за жал налетував на доста погрешни луѓе. Имаше такви кои ме лажеа, ми кажуваа дека мојата мајка е можеби оваа или онаа жена, сретнав дури и човек кој се претставуваше дека е мој брат, а потоа ми побара пари, наводно за да направел ДНК тест. Но, и покрај сите овие немили и болни случки, јас не се предавам и имам волја да го најдам мојот идентитет – раскажува жената, која пред 12 години се преселила во Словенија.

И покрај тоа што живее далеку од Македонија, се надева дека денес, кога интернетот е доста популарен и луѓето се поврзани како никогаш порано, веста ќе дојде и до некого кој нешто знае, до членови на нејзиното биолошко семејство или до луѓе кои работеле во болницата во Неготино во времето кога таа се родила.

Тврди дека од биолошката мајка нема намера да бара било какво наследство, и единствено сака да си го дознае потеклото.

-Не ја осудувам мојата биолошка мајка. Сметам дека имам право на тоа, да си го знам потеклото, и не само јас, туку и сите кои се посвоени, и кои што се во потрага. За мене тоа е начин да си го најдам мирот. Апелирам, ако некој има било какво сознание, да ме контактира – вели Стоилковска.

Стотици деца во земјава кои што дознале дека се посвоени, си ги бараат корените и живеат со неодговорени прашања за своето потекло.

Прашањата зошто биле оставени на посвојување, дали имаат сестри и браќа, дали во нивното биолошко семејство постојат некои наследни болести, стравот од инцест и многу други нешта ги измачуваат секојдневно. Во последниве години, формирани се повеќе интернет групи кои ја олеснуваат потрагата на овие деца. Во групите, исто така членуваат и родители кои се во потрага по своите деца, кои по раѓање ги дале на посвојување.

Дел од нив успеале да си ги најдат корените, најчесто поради тоа што Македонија е мала земја, во повеќето градови речиси сите се познаваат меѓусебно.

Кај нас, според закон, податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. Од Првата детска амбасада Меѓаши во повеќе наврати потенцираат дека децата треба да си ги знаат своите биолошки родители и дека тоа не треба да биде службена тајна.

Сите кои што имаат информација која може да и помогне на Елена да си ги најде корените, можат да ја контактираат на нејзиниот Фејсбук профил.
https://www.facebook.com/Aquarius12

Вики Клинчарова

Поврзани новости