Немањето одобрение од Министерството за транспорт и врски за измени во тек на градба и мислење од ИЗИС дека не е нарушена статиката на објектот со направените внатрешни измени, се основните причини што досега АД ЕЛЕМ не е вселен во новата деловна зграда на улицата „Македонија“ бб, велат од компанијата.
Нагласуваат дека еднаш веќе побарале дозвола од Министерството за транспорт и врски, но биле одбиени, по што повторно поднеле барање и во моментв чекаат да им биде одобрена дозволата за измени во тек наградба, како и да добијат писмено мислење од ИЗИС дека статиката е во ред по направените измени.
– АД Електрани на Македонија во 2013 година почна да гради нова деловна зграда на улица „Македонија“ бб. Тој објект неколку пати го пробиваше рокот за завршување, како и сумата која беше потребна за негова изградба и од повеќе причини таа зграда до денес не е завршена. Останати се уште околу еден процент од работите кои не се завршени, поради кои зградата стои надвор од употреба, иако уште пред неколку години е објавено дека е готова. Правени се и повеќе измени во градбата, нов проект за заштита на темелната јама и за заштита на околните објекти, кои се многу блиску до зградата, измени во внатрешната архитектура, измени во основното сообраќајно решение,измени во диспечерскиот центар, промена на 10-киловолтен приклучок кон дистрибутивната мрежа, измени во оптоварувањето на целата електро опрема. За промените кои се вршеле во текот на градбата не се поднесувале барања за одобрување до Министерствотот за транспорт и врски, туку се изведувало врз база на согласност дадена од страна на надзорите со измените кои ги предлагал инвеститорот, велат од ЕЛЕМ.
Новото раководство, додаваат, подолг временски период правеше анализа на овој проект и утврдуваше кои се причините за застојот, како и какви се формално-правните основи и односи во овој проект, со оглед на тоа што во изминатите години се распишувани повеќе тендери за него и има повеќе изведувачи кои граделе.
– По направените анализи, распишан е тендер за фирма која треба да ги заврши преостанатите еден отсто од работите и да се направат потребните испитувања на зградата, кои чинат околу 90 илјади евра. Од страна на новото раководство вложен е напор да се утврдат сите досега настанати измени. Во моментов од страна на ЕЛЕМ до министерството за транспорт и врски е поднесено барање за измени во тек градба, со кои се констатира фактичката состојба во моментот, потенцираат од ЕЛЕМ.
Во моментов градежни екипи работат на отстранување на појавената влага во подземниот паркин на три ката и на ситни доуредувања на инсталацијата и просториите во објектот. Иако постои паркинг за поголем број возила до него нема пристап од улица и практично во моментов е неупотреблив. Новото раководство се откажало од изградбата на пристапна улица од просторот кај Зеленото пазарче поради фактот што жителите од околните згрдади не дозволуваат да им се уништи парковскиот простор пред нивните објекти. Веќе е направено зајакнување на подот на Дата центарот кој е сместен на петтиот кат за што се извршени неопходни зајакнувања на столбовите на четвртиот кат со челични профили, а поставени се и ормари за електричната инсталација.
–Градбата на оваа зграда почна во 2013 година, иако подготовките се почнати неколку години пред тоа. ЕЛЕМ во 2013 година на тендер ја избра австриската фирма ШТРАБАГ, која требаше за 9,8 милиони евра да ја заврши зградата за година и пол. По година и пол и по дополнителни 2,6 милиони евра, зградата не е завршена. ЕЛЕМ во 2015 година распишува нов тендер на кој победува нова фирма, ОЗОН, за нови 2,2 милиони евра и рок од шест месеци за завршување. И таа влегува на објектот, и во моментов и двете фирми се на објектот, секоја со свои одредени недовршени работи и недовршена зграда. Сумирано, зградата првично требало да чини 9,8 милиони евра. Во текот на градбата цената се зголемува на 14,6 милиони евра, односно се зголемува за 48,4 отсто .Дополнително на ова се и трошоците за изработка на основен проект, 50-тина илјади евра, назорот на градбата, кој го врши градежниот институт Македонија АД Скопје 30-тина илјади евра и мебел 470 илјади евра. Исто така, за зградата се платени комуналии од 980 илјади евра, прецизираат од новото раковдство на компанијата.