АД Елем денеска испрати демант на изнесените тврдења од пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски дека фирма блиска до Мијалков добила тендери во вредност од 60 милиони евра.
-СДСМ во обид да собере ситно политички поени, се надминува во пласирање невистини за работењето на АД ЕЛЕМ. АД Електрани на Македонија најодговорно тврди дека сите постапки кои се спроведени се транспарентни и во согласност со законите. Во конкретниот случај, тендерската постапка за избор на фирма за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ е спроведена по итна постапка откако за тоа е добиено одобрение од Советот за Јавни Набавки, што јасно говори дека се почитувани сите законски регулативи, се вели во демантот на ЕЛЕМ.
Во демантот се додава дека ЕЛЕМ на јавен увид ќе ја стави целата документација поврзана со постапката за избор на најповолен понудувач, а ако потоа Ковачевски не се извини ќе бидат преземени сите законски можности за поднесување тужба за клеветење.