Еквадорскиот министер за здравство Мауро Фалкони поднесе оствка, по само три недели откако дојде на функцијата, следејќи ги стапките на неговиот претходник, јави ДПА, пренесувајќи соопштение на владата во Кито.
-Нашите сениори заслужуваат најголема почит. Она што се случи денеска нема оправдување. Побарав оставка од министерот за здравство и тој ќе биде заменет со д-р Камило Салинас, напиша на Твитер претседателот Ленин Морено.
Локалните медиуми јавија за големите проблеми вчера и завчера со распределбата на вакцините во Кито, каде што постарите граѓани чекаа по повеќе од осум часа во ред за да бидат имунизирани, пренесе ДПА.
Фалкони е третиот министер за здравство што поднесува оставка во последните 40 дена.
Неговиот претходник, хирургот Родолфо Фарфан, оставката ја поднесе на 19 март, иако на функцијата стапи на 1 март, а го замени Хуан Карлос Зевалос, кој поднесе оставка кон крајот на февруари, поради обвинувања за фаворизирање на вакцините.
Салинас е шести министер за здравство во сегашната влада и петти од почетокот на пандемијата на коронавирусот, соопшти „Ел Универзо“.
Еквадор, латиноамериканска држава со околу 17 милиони жители, досега има регистрирано над 328 000 инфекции и речиси 12 000 смртни случаи поврзани со Ковид-19, јави ДПА.