Продолжуваат секојдневните препукувања на тема листерија. Фрчат соопштенија од сите страни. Со соопштение денеска излезе и „Екстра меин“кои бараат одговорност за пропустите во постапката за испитување. Според нив, во анализата на примерокот вакумиран свински врат земен од продавница во Гевгелија има многу проблеми, оти не е постапено според Правилникот.
– Во извештајот има два датума за кога се земени мострите, тестирањето е завршено речиси десет дена после вториот забележан датум. Во овој случај, јасно се гледа пропустот – не е извршена квантификација, што е потврдено и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Без квантификација, секоја понатамошна фаза на испитување е невалидна. Тоа значи дека безбеден производ бил ставен во непотребна постапка и притоа е создаден случај без основа со што се нанесе штета на угледот на компанијата која што веќе 20 години на пазарот доставува квалитет според сите стандарди – се наведува во соопштението од фирмата.
Компанијата посочува и на два наведени датума како време на земање на мострите – 23 и 25 јули, кои биле напишани на два различни документи од Центарот за јавно здравје – Велес.
– Јавно ја прашуваме Ристовска – Шурбевска каде биле два дена мострите? Ако се донесени на 23 јули, согласно нејзиниот Извештај до министерот, зошто тогаш дури на 25 јули се доставени до нејзината лабораторија? И уште ова: како датум на завршување на тестирањата во Велес е наведен 5 август 2014! Ова, пак, отвора друга низа прашања: што се правело сите овие денови? Како се постапувало со примерокот? Како се чувал примерокот? Зошто се дозволени пропусти во постапката и истите се премолчуваат? Зошто не се бара одговорноста во спроведување на процедурите?“- прашуваат од Екстра Меин.