Секој граѓанин на Република Северна Македонија кој има наполнето 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак има право на правно признавање на родот. Во постапката за правно признавање на родот, секое лице може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин се признава родовиот идентитет. Правното признавање на родот ќе биде признато во сите области при остварување на правата и обврските на граѓаните…
Ова го предвидуваа измените на Законот за матична евиденција, кои прво се најдоа на дневен ред на утрешната собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедници, но владата предмалку одлучи да ги повлече. Инаку, овие законски измени предвидуваа можност за промена на полот на сите лица над 18 години, кои патем не се во брак.
„Барањето за правно признавање на родот се поднесува лично или преку полномошник до Управата. Во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување на докази за хируршка процедура за целосно или делумно прераспоредување на гениталии, хормонална терапија или било кој друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето“, стои во предлог-законот.
Во него уште се додава дека барањето за правно признавање на родот се поднесува на образец, чија форма, содржина и начин на негово издавање ги пропишува министерот за правда. Притоа, кон барањето се доставува копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот.
Воедно, неопходна ќе биде и изјава од барателот за правно признавање на родот составена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање и промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска.
Во образложението за потребата од законските измени, предложени од Министерството за правда, стои дека правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.
„Правото на транс луѓето да добијат документи кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет е клучно за тие да можат да функционираат соодветно во општеството и да бидат заштитени од низа повреди на човековите права, вклучувајќи ја дискриминацијата при вработувањето, физичките и вербалните напади, како и ограничувањето во склучувањето на брак и пристапот до добра и услуги“, се наведува во образложението.
Инаку, во законодавството на Македонија не постои правна рамка за правно признавање на родот, така штоземјава е една од десетте држави во Советот на Европа каде правното признавање на родот не е достапно покрај Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Грузија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Србија.