Најмалку седум лица загинаа, а околу 30 се ранети во експлозија на автомобил-бомба на фреквентен пазар во градот Азаз, во провинцијата Алепо, на северот на Сирија, во близина на границата со Турција.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат тела на луѓе на земја, оштетени згради и остатоци од запалени автомобили, јавува Би-Би-Си. Бели шлемови, волонтерска спасувачка група која оперира во Сирија, соопшти дека меѓу загинатите има две деца.
Истрагата е во тек, а засега никој не ја презел одговорноста за нападот. Градот Азаз е контролиран од милиции кои се борат против сирискиот претседател Башар Ал Асад во граѓанската војна, а во градот се наоѓа и седиштето на преодната влада, опозициска група која тврди дека е легитимна влада во Сирија.
Аналитичарите сметаат дека овој град е стратешки важен како рута за снабдување и поради неговата близина до турската граница. Бомбашките напади врз прометните цивилни области не се невообичаени во северозападниот пограничен регион на Сирија, вклучувајќи го и Азаз.
Во напад во 2017 година, повеќе од 40 луѓе беа убиени кога автомобил-бомба експлодираше пред зградата на судот во тој град, а одговорноста ја презеде Исламската држава.