Експерти предупредуваат на последици врз Македонија: Тачи вели корекција на границата, но мисли на размена на територии

by fokus

Заменик директор на Друштвото за Југоисточна Европа и експерт за Косово и Балканот, Јохана Дајмел, предупредува во изјава за „Дојче веле“ дека ситуацијата во Косово може да ескалира и дека може да се одрази со негативни последици за Македонија и БиХ. Според неа она што косовскиот претседател Хашим Тачи го нарекува „корекција“ на границата, фактички значи размена на територии.

„За ЕУ, Брисел и Вашингтон поместувањето на границите секогаш претставувало црвена линија. ‘Корекцијата’ на границата, како што претседателот Тачи го нарекува отвореното прашање за приклучување на Прешевската долина (кон Косово, н.з.), фактички значи размена на територии со огромни последици – за Македонија, која само што доби покана за членство во НАТО, за Босна и Херцеговина и за Србите кои на Косово живеат јужно од Ибар. Дестабилизација не е и не смее да биде во интерес на ЕУ и нејзините членки, како ни за регионот. Сега, повеќе од 10 години по прогласувањето независност на Косово, идејата за приклучување на Прешево и откажување од северот на Косово би претставувала опасна ескалација. Таквата идеја е провокантна. Доколку во Вашингтон зад затворени врати навистина се водат сериозни предразговори за некаква размена на територии, Брисел ќе ја загуби контролата. Последица на тоа би била банкрот на сите иницијативи за изедначување и приближување во европска смисла, вклучително и Бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина“, вели Дајмел за ДВ.

Во Белград денеска заседава српскиот Совет за национална безбедност, кој според наводите на српскиот претседател Александар Вучиќ, е свикан поради „сознанија за упад на Албанци на северот на Косово“. На седницата, според медиумите, се разговара за заштитата на српските интереси на Косово и за безбедносната ситуација.

Поврзани новости