Ексклузивно: Војната меѓу Неделкова и Панчевски продолжува преку судски процеси

by lali

Доне Таневски, претседател на Управниот одбор на Хотелско- угостителското друштво Македонијатурист поднел кривична пријава за самовластие против претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, но како сопственик на станбена зграда во строгиот центар на Скопје на улица „Никола Вапцаров“ или поточно, позади Пивницата- ресторанот на кој пристапот му е од улицата „Максим Горки“.

prolaz 2

Пивницата има влез од предната страна на „Максим Горки“

Освен кривичната пријава, Таневски поднел и тужба во Граѓанскиот суд за нарушено владение против Панчевски. Правни застапници на подносителот на пријавите се адвокатите од канцеларијата на Антонио Апостолски. Со пријавите, Таневски тврди дека Панчевски и неговиот прв братучед, со кого се наследници на станбената зграда, насилно остраниле врата од ковано железо и рушиле ѕид од гипс- картон и така си овозможиле пристап до нивниот влез кој води до зградата, а при тоа преминот поминува врз имотот на ресторанот. Штетата што ја причиниле Панчевски, спроед пријавите, е малку под 80 илајди денари.

Станува збор на тесниот премин кој почнува позади кафе барот „Тренд’ и кој по 20-тина метри завршува со две врати, едната лево која е практично влез за станбената зграда на Панчевски и другата десно која е дел од терасата на ресторанот „Пивница“. Вратата за која зборува Таневски во пријавите дека му е насилно отстранета практично била на самиот премин и со тоа Панчевски не можеле да имаат пристап до нивниот влез.

prolaz1

Преминот кој води до спорната парцела и кој го користат двете страни

Како аргумент дека вратата морала да остане каде што е, а дека на Панчевски не им следува пристап до сопствената зграда, Таневски во пријавите го доставил имотниот лист за да тврди дека имотот е практично на Македонијатурист и дека Панчевски немаат право да го користат влез преку преминот, иако од тука минувале со децении Но дали тоа е така? И дали имотниот се однесува само на земјиштето на кое е лоциран ресторанот или пак и за спорниот дел? Секако дека сега судот ќе мора да утврди чија е парцелата и дали таа треба да се користи како премин за двете, сега конфронтирани страни или не.

Но, според парцелите во Катастар местото каде што била поставена железната врата, а потоа отстранета е во сопственост на државата. Затоа преминот мора да остане прооден, односно во станбената зградата да влегуваат сопствениците, а на тересата од ресторанот угостителите и гостите.

Вратата од левата страна на преминот која води до станбениот објект

Вратата од левата страна на преминот која води до станбениот објект

Просторот со летна тераса од десната страна на преминот

Просторот со летна тераса од десната страна на преминот

ПАНЧЕВСКИ ПРВ ЈА ЗАПОЧНАЛ ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА БИТКА

Ако имотот е државен и служи како премин за двете страни тогаш не може да има ниту самовластие врз Македонијатурист, ниту пак нарушено владение. При таква ситуација делата кои му се ставаат на товар на Панчевски не се суштински остварливи.

Што покажува историјата на случајот? Зградата на Пенчевски е изградена во 1928-та година, но несогласувањата со соседите од ресторанот се од понов датум. Последните години кога железната врата почнала да се заклучува, а дополнително бил изграден и ѕидот, со што практично се затворил пристапот до становите, а претседателот на одборот на „Пивница “ Таневски затворил дел од државниот имот со цел најверојатно да направи поголема тераса, Панчевски за таквата узурпација пријавил во инспекциските служби на општина Центар. Тие интервенирале и ја остраниле оградата за одново да овозможат сопствениците на становите да имаат пристап до влезот.

Паралелно со пријавата до инспекторите Панчевски поднел и кривична пријава против Таневски до Јавното обвинителство кое има и отворено предмет, а започнало и со испрашување сведоци. Панчевски практично прв го пријавил Таневски за узурпација на државно земјиште кое сака да го претвори во ресторанска тераса.

Како контра- удар сега, од пред неколку седмици Таневски му поднесува две пријави, прво граѓанската, а потоа и кривичната. Панчевски за „Фокус“ изјави дека пријавите не се одржливи. „Ме зачудува вака поднесената кривична пријава затоа што за истиот настан од претходно има поднесено тужба за наводно нарушено владение и таа постапка се уште не е започната, бидејќи ми се доставени само покана и тужба. Се работи за два инсконструирани настани поднесени од истото правно лице и навистина не ми е јасно која е целта и позадината, особено што иницијалниот настан е поради мој обид да се спречи узурпација и бесправно градење на имот на Република Македонија за што е и поведена постапка пред обвинителството, со оглед дека се работи за дело кое се гони по службена должност.“- изјави Панчевски.

Адвокатот Богољуб Софрониевски од канцеларијата на Апостолски, застапник во граѓанскиот предмет за „Фокус“ изјави дека  судот ќе треба да ја  утврди последната фактичка и мирна состојба на владение и да утврди дали нарушувањето е сторено, односно дали ќе мора состојбата да се врати во првобитна положба.  По се изгледа дека во кривичната постапка ќе се утврдува чиј е навистина имотот и дали „Пивница“ има право да го затвори приодот или тоа го прави незаконски на државен имот.

БИТКАТА НЕДЕЛКОВА- ПАНЧЕВСКИ

Неделникот „Фокус“ пишуваше за конфронтирањето меѓу претседателката на Врховниот суд, Неделкова и претседателот на Основниот, Панчевски. Нивните несогласувањата траат подолго време, а оосбено без изразени кога Панчевски вршеше прераспределба на судии, зад кои застана Врховниот суд кога тие реагираа за новите работни позиции, иако беа спроведени согласно процедурата, како и за издржувањето на казната затвор на екс- министерот Бучковски, кога Основниот суд го упатуваше во затвор, а Врховен на крај го одложи извршувањето се додека не постапи по поднесеното Барање за заштита на законитоста од страна на Бучковски, иако таков пример не познава судската пракса.

Како овој случај има врска со нивните нарушени релации? Доне Таневски, поднесителот на пријавите е во роднинска врска со Неделкова, ја има ангажирано канцеларијата на Апостолски, кој е адвокат на Мијалков, и за кој се знае дека има пријателски релации со Неделкова. Но дали овој случај се користи за нивната меѓусебна пресметка? Или пак, дали преку двете пријави на Таневски се настојува да се притисне Панчевски да ја повлече неговата пријава во обвинителството?

Секако дека и оваа приказна сега има две вистини, но ако судот навистина сака да ја утврди вистината тогаш лесно може да провери чиј е имотот кој „Пивница“ сака да го затвори, а со тоа да го споречи пристапот на Панчевски до станбениот објект или пак да наложи ресторанот да се повлече од намерата со узурпација на парцелата.

КОЈ СУДИЈА ЌЕ СУДИ?

Кога била поднесена кривичната пријава, компјутерскиот систем ја назначил Лидија Зимбовска за судија. Таа откако забележала дека пријавата се однесува на нејзиниот претседател иако е пријавен во друго својство, од Апелациониот суд побарала иземање од случајот. Ако таа биде тргната од случајот, тогаш предметот ќе оди кај друг судија, кој лесно може да го следи примерот со Зимбовска и да бара исклучување од досието. И така до недоглед. Но дали е тоа неопходно? Ако се знае дека судот суди според закон, а непристрасноста се обезбедува преку индивидуалната работа на судијата, тогаш нема зошто судиите да старвуваат што како тужен се појавува нивниот претпоставен.

Уште повеќе ако се знае дека стварно и месно надлежен за предметот е Основниот суд 1, тогаш е уште појасно дека судската одлука ќе мора да се донесе во тој суд.  Другите опции подразбираат одложување на процесот и иницирање законски недоследности.

Инаку, Македонијатурист е соптсвеник на хотелите „Холидеј ин“, Бест Вестерн“ и Белви“. Доне Таневски е мнозински акционер со 25 отсто од акциите, а втор акционер е Соња Бибановска, која е предложена како сведок пред судот. Останатите акционери се малцински.

Логично е дека се оправдани коментарите низ судството дека Неделкова одново се обидува да му покаже кој е кој на Панчевски во судството. Дали затоа судиите се плашат да судат и бараат исклучување, оти се соочени со стравот од притисок? До сега таа неколку пати се покажа дека може да му оспорува одлуки и да го контролира судството од високата позиција. Сепак, судот овој пат ќе мора да покаже обејктивност и храброст да одлучи кој е во право за спорниот имот и кој треба да има владение врз него.

 

Поврзани новости