Ден Дончев, носителот на кандидатската листа за изборната единица 1 на Коалицијата ВМРО за Македонија во интервју за „Фокус“ тврди дека во април 2012 година додека службено престојувал во Грција се сретнал со заштитениот сведок против Љубе Бошкоски, во случајот „Кампања“.
Од разговорот со него дознал фрапантна информација – крунскиот сведок против Бошкоски не само што не сведочел и не се појавил на судењето против лидерот на Обединети за Македонија, туку и бил протеран од Македонија дента кога беше спроведено спектакуларното апсење -со полициска придружба и со закана изречена на македонско – грчката граница „Никогаш повеќе да не се врати во земјава“.
Дончев, вчера побара Специјалното јавно обвинителство да го истражи апсењето и судскиот процес против Бошкоски поради сознанието дека човекот со кој седел во ресторанот „Воденица“ во Скопје пред да биде уапсен не е лицето кое сведочело против лидерот на Обединети за Македонија поради нелагално финасирање на кампањата за време на парламентарните избори во 2011 година.
(Сведочењето за средбата, поради автентичноста на исказот, го пренесуваме во разговорна форма.)
ДОНЧЕВ: Во април 2012 година како консултант на една меѓународна фирма се најдов во Солун каде што имаше преговори со деловни партнери. Престојував во еден хотел, се сеќавам, беше топол априлски ден. Одеднаш, гледам еден човек кој ми дојде некако познат. Кога тој тргна кон мене, сфатив кој е човекот, нема да го именувам, но прво што прашав беше:
„Добро човек, како можеше да му го направиш тоа на Љубе Бошкоски?“
Што направив?, ми рече.
„Па нели ти беше заштитениот сведок, ти му ги даде парите на Бошкоски нели?
Тогаш, ме праша: Сигурен ли си дека јас му ги дадов парите?
„ Му велам, како да не, па ти сведочеше нели, во судот?
„Ден, дента кога беше апсен Бошкоски, четворица алфи ме фатија и ме однесоа во куќата во Скопје, ми дадоа саат време да си ги соберам личните работи и со полициска придружба ме однесоа до граница кон Грција, ме префрлија од другата страна и ми рекоа – „никогаш повеќе да не се враќам“, ми рече човекот.
Судењето на Бошкоски беше во октомври кога беше осуден на пет години затвор.
„Сакате да кажете дека вие не сведочевте против Бошкоски?, го прашав повторно.
„ Најдете ми еден доказ , едно писмо, или каков било документ дека јас бев присутен во судот тој ден, ми одговори тој.
ДОНЧЕВ: Тогаш, ми станаа јасни две работи – дека заштитениот сведок не сведочел и дека е платен некој друг човек да сведочи. Во неговите очи видов искрена тага, ме замоли да и пренесам на Виолета Бошкоска тоа што се случило. Најискрено поверував дека навистина дента на судењето против Бошкоски, човекот не се појавил во судот. Ако крунскиот сведок не се појавил, правно гледано нема дело против Бошкоски. Во тој момент судијата бил должен да го отфрли предметот бидејќи вистинскиот крунски сведок не се појавил да сведочи. Тогаш, ми стана јасно со какви монструми си имаме работа и дека тоа што му се случи на човек како Бошкоски може да му се случи на секого.
С.М.
Целото интервју со шефот на изборниот штаб на Коалицијата ВМРО за Македонија ќе го објавиме во текот на денот.