Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Г.М. (58) поранешниот директор на средното општинско училиште „Св.Наум Охридски“ во Македонски Брод, поради основи на сомнение за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
„Додека бил директор на училиштето, потпишал договор за вработување на определено време на професор по ликовна уметност, како замена за неговото работно место. Договорот бил направен за периодот од ноември 2015 до август 2016 година иако знаел дека неговиот мандат истекува во април 2016 година и дека за наведениот период ќе се исплаќаат двајца професори за истото работно место. Исто така, без да распише оглас за вработување и потпише договор, ангажирал лице како воспитувач во интернатски дом во рамките на училиштето за 20 наставни часа, иако тоа место било пополнето. Покрај тоа, за користење на спортската сала од физички и правни лица, во рамките на истото училиште пријавениот од одговорно лице на правен субјект од Македонски Брод зел готовина од 8.000 денари кои ги присвоил и не ги уплатил на сметката на училиштето“, објаснуваат од МВР.
Од таму истакнуваат дека со ваквите дејствија пријавениот го оштетил буџетот на училиштето за вкупен износ од 354.972 денари.