Полека изминуваат деновите, а македонската фудбалска репрезентација со душа го чека својот прв настап на Европското првенство наредниот месец.
Медиумите од земјава, но и од регионот, даваат „ветер во грб“ на нашата селекција, а и поранешните репрезентативци оптимистички гледаат на нашиот настап на тоа големо натпреварување.
Илчо Наумоски, кој девет години го носеше националниот дрес, во интервју за „Фокус“ говореше за неговите очекувања од нашата селекција на ЕП.
„Очекувам Македонија да игра храбро и нема што да загубиме на ЕП. Ние сме аутсајдер, но покажавме дека знаеме да се надигруваме со големи репрезентации. Австрија не е истата таа што не „растури“ на Градски стадион. Таа репрезентација е во мала криза и мислам дека можеме да ја изненадиме, дури и да ја победиме“, вели Наумоски.
Како што додаде прилепскиот напаѓач, македонската селекција се покажала како тврд орев во минатото за големите селекции. Порача дека сите противници ќе треба добро да се подготват, затоа што Македонија нема на никого ништо да поклони.
„Сега ја имаме најдобрата генерација во репрезентацијата. Како екипа сме многу зрели, милина ми е да ги гледам. Сепак, тука е лидерот на оваа селекција, без кого работите ќе се одвиваа потешко. Да се молиме на Бога, Пандев што подолго да игра, затоа што тој е срцето на Македонија. Како што Тоше Проески не претставуваше во музиката, така Пандев прави во спортот. Сите треба да се гордееме со него. Тој може уште многу да покаже за Македонија“, додава тој.
Во однос на пристапот на претстојните натпревари, Наумоски смета дека е многу важно да се влезе без притисок, без разлика на големината на фудбалските имиња со кои ќе се соочат нашите репрезентативци.
„Треба да пристапат на сите натпревари како и на сите претходни. Без притисок, лабаво, нема што да се изгуби. Цела Македонија е со нив, а и цел Балкан ќе навива за нас. Сите симпатии ги имаме на наша страна. Репрезентациите ќе треба добро да се испотат за да не победат. Моја прогноза е дека можеме да бидеме втори, па дури и први во групата“, порача Наумоски.
За крај, некогашниот напаѓач порача дека цела држава стои зад нашите фудбалери и со таа енергија може многу да се успее на ова натпреварување. Наумоски го носеше репрезентативниот дрес од 2003 до 2012 година, а за тој период настапи на 46 натпревари и постигна девет погодоци.
Фото – Перо Стојановски
Јорданчо Цветаноски