Груби спрема тримесечна прослава за 20 години од Рамковниот договор

by fokus

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, предводено од првиот вицепремиер на Владата Артан Груби, објави оглас за организација на серија настани и продукција на разни материјали по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

Според информациите објавени од Бирото за јавни набавки, тендерската постапка се однесува на набавка на билети за превоз, рекреативни, културни и спортски услуги, хотелски услуги, услуги за организирање на настани и печатени предмети и сродни производи.

Притоа, самата јавна набавка е поделена на 4 дела – организирање на настани и културни манифестации, креатива, авио билети и сместување и превоз, со тоа што секоја компанија ќе може да учествува на еден или повеќе дела, доколку ги исполнува специфичните услови за квалификација.

Инаку, договорот за јавната набавка ќе биде со времетраење од 3 месеци, а манифестацијата, односно сетот на настани е предвидено е да се одвиваат во периодот од јуни заклучно со август 2021 година.

Поради тековната пандемија во државата, точни датуми не можат да се прецизираат и истите ќе се одредат во зависност од препораките од Министерството за здравство. По склучување на договорот, договорниот орган навремено ќе го извести носителот на набавката за бројот на гости, културни манифестации и настани и потребна креатива“, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека услугата за сите делови ќе се испорачува сукцесивно, односно, како што посочуваат, по потреба во зависност од бројот на гостите кои треба да присуствуваат и бројот на културни манифестации и настани кои би се организирале.

Во техничките спецификации се наведува дека избраниот економски оператор во рамки на првиот дел треба да организира сет на настани, работилници, културни манифестации, дебати, тркалезни маси во кои ќе бидат вклучени поранешни вицепремиери, невладини организации, универзитети и академска фела, институти итн.

Патем, хотелот треба да биде категоризиран со 5 ѕвездички и со можност да прими 300 учесници, како и да располага со фитнес сала и СПА центар, со 24 часа собна услуга, 24-часовно обезбедување, сопствен паркинг со капацитет од минимум 45 возила и вграден сеф со секоја соба.

Исто така, во делот за креатива се предвидува продукција на аудио-видео записи, изработка на лого, дизајн, графичка обработка и печатење на репрезентативни материјали, изготвување и издавање на научно истражувачки труд.

Што се однесува до авио билетите, се предвидува тие да бидат од европски дестинации за економска класа и од интерконтинентални дестинации за економска класа.

Во однос на нашето прашање колку се проценува вредноста на овој тендер, што не е објавено со огласот за јавната набавка, за која претходно било направено истражување на пазарот, од МПСОЗ ни изјавија дека сите информации се опфатени со огласот.

В.С.

Поврзани новости