Поранешна пратеничка од ДУИ проф. Зибери за плата од 70 илјади денари ќе му помага на Груби во изградба на коридорите

by Fokus

Семијал Хасани Зибериќе биде помошник на вицепремиерот Артан Груби како главен и одговорен координатор на проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10д, кои ќе ги гради изведувачот „Бехтел и Енка“, соопшти Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Помошничката на Груби, според огласот објавен на 13 април од ЈПДП, треба да биде градежен инженер со најмалку 6 години работно искуство во струката и за него е предвидена нето плата од 70.052 денари.

Д-р Семијал Хасани Зибери е градежен инженер и професорка на Државниот универзитет во Тетово а била асистент професор и на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Од 2008 година до денес е главен инженер во приватна компанија од Тетово, а во периодот од 2002 до 2006 година била пратеник на ДУИ во македонскиот парламент.

 

Покрај помошникот на координаторот, во истиот оглас, Државни патишта имаше отворено позиции за уште 27 работни места поврзани со изградбата на автопатиштата Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Дел од бараните работни позиции веќе се пополнети и имињата на избраниците кои ќе добијат договор до јануари 2028 година до кога треба да заврши проектот, веќе се објавени.  За дел од местата – особено оние строго стручните, не е пронајден соодветен кадар.

Рами Јусуфи е избран на позицијата координатор на единицата за подготовка на проектот, за кого е предвидена нето плата од 65.029 денари.
За координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер –  исто за 65.029 денари, се вработува Александар Журовски.

Од четворица специјалисти за експропријација, кои од образование треба да имаат Правен факултет или други општествени науки или Јавна управа и администрација и нивната плата ќе биде 45.045 денари, избрани се Ратко Ајцев и Саќим Селими.

За плата од 45.045 денари како преведувач е избран Арѓент Мехмеди, кој според огласот треба да има какво било високо образование.

Од двајца администратори кои се бараа на огласот, одбран е само еден – Кристина Дукоска која ќе добива месечна плата од 30.000 денари. Од двајца возачи кои се бараа, одбран е само Милорад Стојковски за плата од 30.000 денари.

Ваљон Тефику пополнил една од две отворени позиции специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација за плата од 55.037 денари. Другата позиција се уште е празна.

Не е пополнето ниту едно од петте работни позиции специјалисти за инвестиции и градба на патишта, кои треба да бидат градежни инженери со тригодишно искуство за плата од 55.037 денари.

Истата плата од 55.037 денари е понудена за урбанист, геодет, двајца специјалисти за заштита на животната средина, електроинженер што се разбира во енергетски објекти и еден сообраќаен инженер. Никој од пријавените на овие позиции не ги задоволиле критериумите.

Поврзани новости