Економски раст од 2,1 процент и едноцифгрена инфлација од 8 до 9 проценти е последната проекција на Народна Банка на Македонија (НБРМ) за оваа година.Проекциите денеска ги презентираше гувернерката Анита Ангеловска – Бежовска.
За 2024 и 2025 година, проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6% и 4%, соодветно, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност, а особено активноста на нашите најзначајни трговски партнери.
Македонската банкарска асоцијација (МБА) порача владата да внимава каква камата ќе им понуди на граѓаните со обврзницата што планира да ја издаде следниот месец, откако Министерството за финансии вчера најави ќе се понудат и камати кои се повисоки од оние кои ги нудат банките.
Од МБА не очекуваат оваа обврзница да го наруши банкарскиот сектор, но велат дека треба да се биде многу внимателен за да не се испрати лош сигнал за цената на парите на пазарот.
Народната банка исто така не очекува граѓаните масовно да ги вадат парите од банките. Гувернерката Бежовска смета дека износот од 50 милиони евра кој планира да го собере државата е мал, за да има негативни импликации.
„Нуди дополнителни алтернативни можности за инвестирање. Со оглед на најавата дека е обврзница од околу 50 милиони евра, тоа е исклучително мал износ, околу 8 милијарди евра изнесува вкупниот депозитен потенцијал, а на граѓаните е 5 милијарди евра, така да не би се очекувало негативни ефекти врз банкарскиот систем,“ изјави Анита Ангеловска Бежовска, гувернер на НБРМ.
Бежовска вели ќе зависи од случувањата и растот на цените дали каматните стапки ќе продолжат да растат, откако НБРМ во повеќе наврати ја зголеми основната и таа сега е на ниво од 5,7 отсто.
Централната банка ја ревидираше и прогнозата за растот на економијата. Очекувањата се годинава да ја завршиме со раст од 2,1%, што е слично со прогнозите и на меѓународните институции. Европската комисија и ЕБОР прогнозираат раст од 2%, додека Владата има пооптимистички прогнози за раст од 2,9 отсто.