ЕК: Визното усогласување на Западен Балкан со ЕУ го намали бројот на илегални миграции

by Fokus
Foto: Rojters

Визното усогласување на земјите од Западен Балкан со Европската Унија влијаело на намалување на бројот на илегални мигранти во ЕУ од овој регион, се наведува во извештајот на Европската комисија за состојбата во Шенген зоната, кој беше објавен денеска.

Мерките што беа спроведени лани, како што е усогласувањето на визните политики на Западен Балкан и ЕУ „веќе дадоа добри први резултати со намален број на нерегуларни влезови во ЕУ од на овој регион“.

Во извештајот се наведува дека лани нерегуларната миграција достигна највисоко ниво од 2016 година со 330.000 нелегални гранични премини пријавени од Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Таканаречената балканска рута учествуваше со 43 проценти од сите нередовни влезови во 2022 година, а зад неа, втора најфреквентна рута беше медитеранската рута.

„Илегалните миграции носат со себе ризици како што се експлоатација и опасностите што ги носат со себе илегалните морски и копнени патишта“, стои во извешрајот.

Блокот е подобро подготвен од 2015 година за заеднички да го спречи нелегалниот прилив на мигранти, благодарение на зголемените контроли на надворешните граници на ЕУ.

„Во последниве месеци, беа направени напори за подобрување на граничните способности и поддршка за купување системи за електронски надзор на надворешната граница“, се вели во извештајот.

Заедничката визна политика на ЕУ е составен дел на Шенген и е една од најважните алатки за решавање на безбедносните ризици и предизвици што ги носи нерегуларната миграција во Шенген зоната, стои вп извештајот на Европската комисија.

„Редовниот мониторинг на безвизните режими што ги има ЕУ со трети земји, особено со земјите од соседството на ЕУ, покажа дека остануваат важни предизвици во овој поглед“, се додава.

Поврзани новости