Премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на седницата во Приштина го изрази своето задоволство од срдечниот пречек што му го приреди косовскиот колега Албин Курти во рамките на заедничката средба меѓу двете земји.
Мицкоски истакна дека се надева оти „енергијата и убавото време денес“ ќе бидат нов импулс за уште подобри односи меѓу Северна Македонија и Косово, пренесува Klankosova.tv.
„Почитуван Албин. Ви благодариме за одличниот прием, енергијата и атмосферата што ни ги овозможивте денес овде во Приштина. Се надевам дека оваа убава енергија и убаво време ќе бидат нови импулси за уште подобри односи меѓу двете земји. Честопати се среќаваме надвор од нашите земји и разговараме за ситуацијата во нашите земји. Свесни сме за предизвиците, секој пат констатираме дека ако работиме заедно ќе бидеме посилни“, рече тој.
Економската соработка меѓу двете земји, како што рече Мицкоски ќе изнесува над половина милијарда евра.
„На билатералната средба дефиниравме цел оваа година, трговската размена да биде над половина милијарда евра меѓу нашите две земји, во следните години економската соработка ќе биде уште поголема, убеден сум дека ќе успееме. Меѓувладината седница е доказ дека двете влади покажуваат дека соработуваат и дека имаме пријателски и блиски односи кои ќе ги унапредиме. Имаме договор во делот на енергетиката, како и регулирањето на граничните премини, граѓаните кои влегуваат и излегуваат од нашите земји да застануваат на еден премин, а не на два и на овој начин нема да има хаос на границата. Да имаме граничен пункт и да го забрзаме протокот на патниците“, рече Мицкоски.