Под мотото „В џеб, ако нема каде друго“, денеска од 12 часот на падините на Водно повторно ќе се реализира еколошка акција за чистење на отпадоци. Збирно место е Средно Водно.
Акцијата ја спроведува Движењето за едукација и унапредување на дијалогот ЛЕАД, а во неа ќе се вклучат млади активисти од различна етничка припадност.
„Падините на Водно често се посетувани од страна на граѓаните кои сакаат да избегаат од загаденото Скопје. За жал, сè повеќе се наталожува отпадот кој го оставаат насекаде несовесни граѓани. ‘В џеб, ако нема каде друго’ треба да им ја подигне свеста на граѓаните отпадоците да не ги фрлаат каде што ќе стигнат, а во недостаток на корпа за отпадоци, отпадокот да го причуваат до првата на која ќе наидат“, се вели во соопштенито за акцијата, која се спроведува во неколку наврати на Водно.
Проектот „В џеб, ако нема каде друго“ е поддржан од програмата Цивика Мобилитас. Целта е кревање на јавната свест за животната и меѓуетничката соработка. Како активности во акциите се предвидени состаноци и координација на екипата волонтери, закачување на дрвени плочи со натписи, меѓусебно дружење на младите волонтери…