Електронското издание на грчкиот весник „Катемерини“ денеска преку коментар ја предупредува власта во Атина да не влезе во античкиот филм на македонскиот премиер Никола Груевски, откако грчките археолози открија мистериозна гробница во северна Грција за која се шпекулира дека можеби е на Александар Македонски.
„Грчката официјална позиција за наодите треба да биде во целосна спротивност со хиперболата на „ФИРОМ“-овиот премиер Никола Груевски. Напорите да создаде вештачка „македонска свест“ преку постојаната пропаганда, што сега го вклучува подигањето на монструозни статуи на Александар Велики, се граничи со смешни и срамотни критики за премиерот на „ФИРОМ“ и за неговата влада.
Груевски го изгради целиот свој политички аргумент врз митот дека Скопје било земјата на Александар Велики. Во обид за противтежа на најновите октритија во Амфиполис, медиумите од „ФИРОМ“ известуваат за инфраструктурни подобрувања на локалниот автопат именуван по Александар. Додека археолозите во Амфиполис продолжуваат со својата работа, грчката влада не треба да бранува и да влече вистински потези кои дискретно ќе ја зајакнат позицијата на земјата.“, се вели во коментарот
Во наредните неколку недели ќе се знае повеќе за мистериозната гробница која археолозите ја открија во северниот дел од Грција, а за која веќе се шпекулира дека е вечниот дом на Александар Македонски, неговата жена Роксана или на нивниот син Александар IV. Грчкиот премиер Антонис Самарас неделава дополнително ги поттикна шпекулациите откако го посети археолошкиот сајт кој се наоѓа во античкиот град Амфиполис и таму изјави дека Грција е на работ на големо археолошко откритие.
Експертите засега откриваат дека таму лежат посмртните останки на важна фигура која живеела во последната четвртина од 4. век пред нашата ера, меѓутоа пораширено е мислењето дека Александар е закопан во Египет и дека гробницата во Амфиполис најверојатно му припаѓа на некој од неговите генерали.
Досега за гробницата се знае дека се наоѓа на локалниот рид Каста и дека е десет пати поголема од онаа за која се верува дека е на Филип Втори. Долга е 500 метри и ја изградиле од мермер донесен од блискиот остров Тасос, а дополнително се шпекулира дека ја замислил архитектот и блискиот пријател на Александар, Динократес.
Месноста е позната по четириметарската статуа на Лавот од Амфиполис.