ЕК забележува „одреден прогрес“ во Косово, бара поголема конструктивност во преговорите со Србија

by Fokus

Европската Комисија (ЕК) денеска го усвои годишниот извештај, во кој, меѓу другото, од Косово и од Србија се бара приоритет да им биде напредокот во дијалогот во правец на постигнување сеопфатен и законски обврзувачки договор за нормализација на меѓусебните односи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во делот од извештајот посветен на Косово, се бара Приштина да се заложи поконструктивно и во спроведувањето на досега постигнатите договори во текот на дијалогот, додека во извештајот за Србија истото барање се упатува кон двете страни, како услов за нивен напредок во евроинтеграциите.

– Од Косово и Србија сега се бара да се заложат конструктивно и да постигнат напредок во преговорите за постигнување сеопфатен и законски обврзувачки договор за нормализација, без натамошно одолговлекување. Постигнувањето на таков договор е итна и клучна потреба за Косово и Србија да можат да напредуваат на нивниот пат кон евроинтеграциите, се вели во извештајот.

За односите со другите соседи и за регионалната соработка, ЕК оценува дека Косово има „генерално добри односи со Албанија, Црна Гора и Северна Македонија, но нема промена во формалните односи со Босна и Херцеговина, која не ја признава косовската независност и има визен режим меѓу двете држави.

Една од главните забелешки во делот на извештајот посветен на Косово се однесува на ефикасноста на работата на републичкото Собранието, за кое се вели дека „останува под негативно влијание на една поларизирана политичка атмосфера“ и дека, и покрај стабилното владејачко мнозинство, има проблеми со обезбедувањето кворум за донесување одлуки.

– Косово има политичка стабилност, во која Владата има солидно мнозинство во Собранието. Работата на Собранието останува под негативно влијание на една поларизирана политичка атмосфера и со тешкотии за обезбедување кворум за донесување одлуки, и покрај тоа што Владата има цврсто мнозинство. Ова се случува делумно поради слабото менаџирање на легислативната агенда, но и поради тоа што членовите на опозицијата во Собранието се воздржуваат од гласање со цел да се спречи усвојувањето на законите, се вели во извештајот.

Во однос на ситуацијата во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, се наведува дека таа и натаму претставува предизвик за властите, „посебно кога е во прашање корупцијата, организираниот криминал и условите за слободно изразување“.

ЕК забележува, како што стои во извештајот, „одреден прогрес“ во областите на реформата на јавната администрација и правдата, но и во тие сегменти очекува натамошен напредок и продолжување на координацијата и соработката со ЕУ.

За реформите во јавната администрација се забележува дека „има подготовки (за нивно спроведување), но напредокот е ограничен“, додека за правдата дека администрирањето во тој сегмент „останува бавно, неефикасно и неотпорно на непотребни влијанија“.

– Одредени позитивни чекори се преземени при развојот на сеопфатната стратегија за реформа во јавната администрација и за менаџирање на јавните финансии за 2022-2026 година… Реформата во правдата треба да се насочи првенствено кон подобрување на имплементацијата на постоечките средства за да се зачува интегритето, независноста и ефикасноста на судскиот систем, се вели во извештајот.

И во однос на борбата против корупцијата се вели дека во извештајниот период е постигнат извесен напредок со усвојувањето на значајна легислатива против корупцијата.

– Постои потреба од подобрување на општата законска рамка… Независно од досега вложените напори, постои потреба од цврста политичка волја за ефикасно справување со ризиците од систематската корупција, како и за силно кривично право во однос на корупцијата на високо ниво, порача ЕК.

Што се однесува до борбата против организираниот криминал, во извештајот се забележува дека е постигнат „ограничен напредок во истрагата и кривичното гонење“ на таквите случаи и дека „силните средства предвидени од Кривичниот законик и Законот за проширени надлежности за запленување сé уште не се целосно искористени“.

 

Поврзани новости