Треба да се зачуваат Шенген зоната и слободното движење во ЕУ, порача еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Димитрис Аврамопулос, по вонредната средба со претставници на Данска, Шведска и Германија во седиштето на Европската комисија.
На средбата сите се согласиле дека треба да се ограничат преземените вонредни мерки и гранични проверки и што е можно поскоро да се обнови нормалното функционирање на Шенген.
И претставникот на германското МНР, Уле Шредер, изјави дека неговата земја сака да се зачува Шенген зоната.
-Воспоставивме гранични проверки затоа што над 3.000 мигранти дневно доаѓаат кон нашата земја. Важно е да ги нотирам причините и последиците – немаме ефикасна гранична контрола меѓу Грција и Турција, треба правилно да се примени системот за доделување азил, не дејствуваат квотите за раселување, па од овие прични ние не сме во состојба да постигнеме европско решение, рече Шредер.