Северна Македонија е умерено подготвена во областа на енергијата, постигнат е добар напредок, особено преку усвојување на законодавството за спроведување на третиот енергетски пакет. Во наредната година, треба да го заврши раздвојувањето на операторот на системот за пренос на гас, да го зголеми техничкиот и инженерскиот персонал на Секторот за енергетика во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, како и да го усвои и спроведе законот за енергетска ефикасност.
Ова се главните препораки од Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава во 15-тото поглавје Енергија и енергетска политика.
-Законот за енергетика е целосно усогласен со Директивата на ЕУ за енергетика за обновливи извори, по усвојувањето на неколку подзаконски акти за спроведување на правилата за обновлива енергија. Понудените тарифи остануваат на сила, а премиите се воведени во рамките на шемата за поддршка на соларните централи. Во 2019 година се одржаа првите аукции за 62 мегавати соларна централа. Градењето на малите хидроцентрали не е систематско или транспарентно. Одредбите за одржливост на биогоривата се уште не се усогласени со законодавството на ЕУ, а инвестициите во хидроцентрали треба да се усогласат со законодавство на ЕУ за животната средина, стои во извештајот на ЕК во делот за Енергија.
Изменетиот национален акциски план за обновлива енергија, се додава, има за цел да ја исполни ревидираната обврзувачка цел до 2020 година 23 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија, а 24 отсто до 2025 година. Во 2018 година се констатира, само 18,12 отсто од енергијата беше произведена од обновливи извори на енергија.
-На внатрешниот пазар на енергија, постигнат е добар напредок во понатамошното усогласување на земјата со третиот енергетски пакет на ЕУ за гас и електрична енергија. Пазарите на електрична енергија и гас се отворени за конкуренција и земјата е на добар пат да го донесе соодветното законодавство. Операторот на системот за пренос на електрична енергија го заврши раздвојувањето на сопственоста и е овластен. Операторот на системот за пренос на гас не е одделен, како што налага третиот енергетски пакет, поради постојаниот спор за сопственоста на гасоводот за пренос на гас, што треба да се реши наскоро. Регулаторната комисија за енергетика работи, но нејзината независност е попречена од политичко мешање, се вели во извештајот на ЕК .