ЕК го усвои извештајот за Македонија: Земјата задржа постојан тек во напредувањето

by fokus

Европската комисија денеска го усвои Пакетот за проширување 2021 заедно со извештаите за напредокот на шесте земји од Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија. Во Извештајот, што беше презентиран попладнево во Европскиот парламент во Стразбур, Европската комисија ја критикува блокадата за старт на преговори, и е задоволна што Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација.

-Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, стои во извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија.

Во извештајот се наведува дека ЕУ реформите се процес на долг рок, што бара постојан ангажман од Владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.

Северна Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на Унијата со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година.

-Во март 2020 членовите на Европскиот Совет едногласно ја одобрија одлуката да се отворат преговорите за членство со Северна Македонија. Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупредува Европската комисија.

Комисијата исто така нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.

 

Поврзани новости